General Motors Cruise AV :: Без раце, без нозе

Новитети Поглед во иднината

Без раце, без нозе

General Motors го подготви автономниот Cruise AV базиран на Chevrolet Bolt, кој веќе идната 2019-та би можел да се најде на патиштата
Објавено на 12 јануари 2018 година

Главна карактеристика на автономниот Cruise AV на General Motors е што тој нема ниту управувач ниту педали. Тоа се коси и со сите законски прописи за возилата биле тие автономни или не, но од GM се надеваат дека ќе ја добијат дозволата на американската агенција за безбедност во сообраќајот да произведат 2.600 вакви возила. Тие толку се уверени во својот нов модел што сметаа дека нема да имаат никаков проблем покрај федералната да ги добијат и дозволите на секоја поединечна сојузна држава доколку сакаат ова возило да се најде на нивните патишта. Доколку сé помине по планот, Cruise AV ќе се приклучи на флотата автомобили која GM во август ја промовираше под називот Cruise Anywhere, која засега ја користат само вработените во компанијата Cruise Automation која задолжена за развој на самовозечки автомобили GM ја купи во 2016-та за милијарда долари.

Што се однесува до самиот автомобил, тој е базиран на електричниот Bolt. Претставува четврта генерација на автономните возила на GM и е опремен со 21 сензор, 16 камери и 5 ласерски радари. Користи софтвер развиен во самата компанија, а има и поддршка за звук и слика, како и способност сам да ги затвори вратите доколку патниците не го сторат тоа после возењето со него. Во овој момент техничките детали и можности за него не се соопштени, бидејќи најверојатно ќе биде користен само во ограничен простор на кој General Motors ги тестира своите автономни возила во околината на Сан Франциско и во Мичиген. Според досегашните истражувања оваа технологија има потенцијал драматично да ги намали бројот на сообраќајни несреќи, повреди и смртни случаи во сообраќајот. Проценките на General Motors се дека човечката грешка е причина за 94% од нив.

клучни зборови: , , , ,