Ferrari останува верен на цилиндрите и патентира мотор со внатрешно согорување на водород.
Доколку истрае во својата намера, Ferrari ќе стане еден од спасителите на класичните мотори и лидер во еколошките стандарди. Водородот како гориво е употребливо на два начини. За разлика од водородните горивни ќелии, кои генерираат електрична енергија што потоа се користи за напојување на електро-моторите, моторите со согорување на водород едноставно согоруваат водород наместо бензин во процес кој не испушта јаглерод диоксид.
Тоа не е нова идеја. BMW на почетокот на милениумот ја претстави серијата 7 на водород. Но ова е првпат Ferrari јавно да изрази интерес за оваа технологија и гледа на согорувањето на водород како начин за драстично намалување на емисиите на штетните гасови во атмосферата. Водородниот мотор нема да генерира стакленички гасови и минимални количини на други загадувачи како јаглерод моноксид, тврди Ferrari во патентната пријава до Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД.
Водородот не е толку енергетски густ како бензинот, па затоа бара поголем волумен на резервоарите за да се испорача еквивалентен опсег на автомобил со бензин. Скратеното време на полнење на водородот во однос на струјата може да го ублажи секој дефицит на досегот, но автомобилите со внатрешно согорување што согоруваат водород би се соочиле со истите инфраструктурни проблеми како возилата со горивни ќелии. Сепак, предноста е што постоечката инфраструктура може лесно и релативно евтино да се преиначи на водород, што е многу поприфатливо отколку градењето на мрежи за полначи за ЕВ.
Најважно е што ќе се избегнат скапите батерии и нивното производство, особено рециклирање е голем еколошки и финансиски предизвик. Радува што Ferrari не е осамен во оваа борба. И германскиот Porsche инвестира во синтетички горива како начин да ги задржи моторите со внатрешно согорување и да одговори на климатските промени. Можеби водородот ќе биде технологијата на Ferrari за исполнување на таа цел.