BMW Motorrad : Blechmann R 18

Занимливости Моторцикли

Нова кастм верзија на BMW R 18

По американската интерпретација во форма на Dragster, од Австрија ни доаѓа уште една едносед верзија на R 18

објавено 27. август 2020

За моделот R 18 сме пишувале и порано, а пред неполн месец ви ја претставивме изведбата на гуруто за кастм моторцикли Роланд Сендс кого како инспирација му послужија драгстер натпреварите што е огромно отстапување од крузерската конструкција на R 18. Од другата страна на Атлантикот, од блиската на Германија по менталитет и работливост Австрија, дојде нова фасцинантна интерпретација на моделот претставен во април годинава. Само ќе потсетиме дека изгледот влече корени од историскиот R 5 и го користи најголемиот дво цилиндерски боксер мотор на куќата кој има воздушно ладење, исто како и неговиот претходник кој почна да се произведува во 1923 г. Модерната верзија има зафатнина од 1.800 цм3 и 91 КС.

За силниот карактер се најде силно име. Името Бернхард Науман познато е во светот на преработките на моторциклите како Блехман (Лимен човек), познат по  несекојдневни, силни и моќни преработки. Салцбург е градот каде се вршат доработките на моторциклите, а последното остварување е силната изведба која плени од секој аспект. Интересно е што и верзијата на Блехман крузерот го претвори во едносед, исто како што направи прочуениот колега од Америка. Останатите елементи го задржаа крузерскиот облик и шарм. Базиран на историското наследство, интерпретацијата The Blechmann R 18 се навраќа на основните вредности на моторциклот со минимални измени на ракмата и на погонот.

Кога започнува да работи Бернхард Науман не прави цртежи и скици, туку ”комуницира” со моторциклот што му овозможува да го употреби материјалот на најдобар можен начин и да одговори на идеалните пропорции. Маркантната предница на која доминираат светлата во облик на бубрези, препознатливиот дизајнерски зафат на баварските автомобили, е малку преработена, само да се запази персоналноста на доработката. Резервоарот претрпе големи промени во долгнавестата форма за да се добие по спортски впечаток и големиот боксер-мотор да дојде до израз. Големи измени се направени на задниот дел каде спортскиот едносед е базиран на потпирачката структура за задниот браник. За оваа преработка ”Лимениот човек” помина 450 часови работа на неговата верзија на  BMW R 18. Претежно тој самиот работи на сите нивоа, а само ако е неопходно ангажира професионалци.