BMW 8 Convertible (со видео) :: Џет-сетот има нова занимација

Џет-сетот има нова занимација

BMW специјално за нив ја подготви отворената верзија на серијата 8 која нормално, за прв пат ќе ја покаже на салонот на автомобилите во Лос Анџелес
Објавено на 6 ноември 2018 година

Градот на ангелите во кој само 35 дена во годината врне дожд е идеален избор за презентација на автомобил каков е BMW 8 Convertible на BMW. Согласно желбите на целната група негови купувачи, има платнен покрив кој може да се спушти за 15-тина секунди. И тоа во возење, со брзини до 50 километри на час. А возењето со него според зборовите на Баварците е сосема ново искуство. Добро познат од купе верзијата, изгледот на отворената верзија на серијата 8 на BMW од неа се разликува по неколку очекувани детали. Освен покривот, тоа се и задниот дел со светлата и системот за заштита од превртување, кој за дел од секундата од виткото тело на кабриолетот извлекува два алуминиумски рол-бара над главите на патниците. Остатокот е познат од купе верзијата, од која се задржани агресивниот преден дел со широката маска и ласерските светла, како и трапезоидните издувни цевки назад.

Во внатрешноста веднаш до прекинувачите за отворање на покривот се наоѓаат и оние за грејачите на вратот на патниците, кои сепак се опционални. Тие се состојат од отвори за топол воздух сместени во наслоните за глава, чиј проток автоматски се прилагодува на брзината на возилото. Затоа пак системот за заштита од ветар доаѓа стандардно и овозможува пријатно и мирно возење со отворен покрив. Притоа за одличниот звук се грижи Bowers & Wilkins аудио системот, а за безбедноста едно чудо електроника. Треба да се напомене и дека верзијата без покрив на серијата 8 располага со багажник од солидни 350 литри.

Под поклопецот на моторот на отворената серија 8 на BMW засега ќе се најдат два агрегати. Првиот е познат и наменет претежно за Американците. Скриен зад ознаката M850i располага со 4,4 литри работна зафатнина распоредени во V8 формација, од кои со помош на турбо компресорите се извлечени 530 коњски сили. Со помош на 8-степената автоматика и погонот на сите тркала тој ќе фати стотка за 3,9 секунди и нема да застане до електронски ограничените 250 километри на час. Дизел верзијата има ознака 840d и под хаубата има 3-литарски шестцилиндричен мотор со едвај 320 коњски сили. Нешто подоцна оваа баварска гордост ќе биде понудена и во M8 верзија со повеќе од 600 коњски сили. BMW за новата осмица меѓу другото предвиде и адаптивно ослонување и управлива задна оска со активен диференцијал, кои ќе овозможат попријатни моменти во возењето на лимитите на механиката. И сето тоа за 122 илјади долари во САД. Европските цени на новиот BMW 8 Convertible треба да ги дознаеме при крајот на месецов, додека продажбата ќе му започне во март идната година.

Видео

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER