BMW серија 2 Gran Coupe

насловна

Фаќајќи чекор со Mercedes

Ова е новиот Gran Coupe на BMW од серијата 2

Објавено на 17 октомври 2019 година

Иако бројките за продажбата се двојбени, BMW не се откажува од протежирањето на своите Gran Coupe модели. Посебно не кога е предизвикан од Mercedes, заради што и серијата 2 осамна во вакво издание. Сепак да бидеме искрени, воопшто не изгледа лошо. Напротив, со комбинирањето на четиривратната купе каросерија и најновите стилски детали добиен е навистина провокативен изглед. Динамичноста излегува од секое ќоше, но елегантноста е задржана. Меѓу тесните светла напред за среќа се наоѓа маска која само благо е истакната. Спортскиот изглед дополнително е нагласен со отворите за воздух и големите тркала зад кои ѕиркаат обоените клешти на сопирачките. Назад се забележува дискретниот спојлер, а под поклопецот на моторот се наоѓа скромен асортиман турбо мотори. Основниот е трицилиндричен со 140 коњски сили, а на врвот е потентниот дволитарски со 306 коњи. Сосема доволен за достојни перформанси, тој воедно доаѓа и со автоматски менувач и погон на сите тркала. Меѓу двата бензинци се има сместено и еден дизел со 190 коњски сили, но најзначајното е што технички овој модел не е ништо повеќе освен новата серија 1 во друго пакување. Поставен е на новата платформа со иницијален погон напред, за разлика од купе верзијата на серијата 2 која сé уште е чистокрвен BMW со задни погонски тркала. Тоа малку ќе ги разочара заколнатите љубители на марката, но ќе ги израдува сите останати.

Во прилог на тоа е и внатрешноста, во која сé е веќе видено. Сепак богато е пополнета – дигитална инструмент табла, BMW инфотаинмент систем кој се командува со глас и гестикулации, најнови безбедносни асистенти… И сето тоа за цена од 32 илјади евра, која кај најскапата верзија се искачува двојно повеќе. За блиска иднина е најавен и хибриден модел, за кој Баварците ништо не кажаа.