Електрификацијата во фокусот
На тркалезната маса што ја организираше AutoBest своите гледишта за моменталните состојби во авто-индустријата ги презентираше Карлос Таварес од PSA
Објавено на 18 март 2019 година
Во фокусот, секако, беше електрификацијата. Еве што тој кажа за неа и патот до неа, но и за другите тековни активности на своите компании и трендовите во авто-индустријата воопшто.
– Го зголемивме профитот за 40 проценти и слободните пари за 28, со што нашата финансиска позиција се искачи на 9 милијарди евра што е доста стабилно и јас сум горд на луѓето што го направија тоа. Јас им честитам бидејќи не само што не мора да се грижиме за инвестициите, туку и нашиот профит во последниве пет години е зголемен за четири ипол пати. Интенција ни е да се задржиме на тој пат. Тоа е за финансиите, а како што знаете ние сме во полн налет со електричните технологии со кои ќе настапиме на пазарот. Лансирањето на Peugeot 208 вклучително и неговата електрична верзија ќе се случи годинава, исто како и плаг-ин хибридните верзии иако пазарот за нив сé уште е многу мал.
– Во поглед на тоа ние имаме доста јасни приоритети. Веќе знаете дека во октомври европскиот парламент изгласа намалување на емисиите на јагленород диоксид за 40% до 2030 година, практично игнорирајќи ги препораките на европската асоцијација на автомобилски производители. Тоа ќе биде предизвик за индустријата која ако не ги исполни квотите ќе претрпи огромни финансиски последици кои ќе бидат сериозен проблем за било која автомобилска компанија. Затоа со имплементација на електрификацијата многу работи ќе треба да се подобрат, не само во мобилноста која е веќе тука, туку и од аспект на чистата енергија, производството и рециклирањето на батериите, инвестирањето во мрежата за нивно полнење, но и даночната политика. Ние сме многу посветени на сите овие елементи. Ќе видиме што ќе се случува во иднина во поглед на „чистењето“ на автомобилската индустрија и на нашите купувачи ќе им ги нудиме најдобрите можни решенија.
– Но една работа не смее да се заборави, а тоа е пристапноста. Таа е основа на издржаниот напредок иако сега сите работи укажуваат дека чистата мобилност е многу скапа, како и брзината кон електрификацијата – батериите сега чинат околу 40% од вредноста на автомобилите. Европската Унија сега нас нé притиска толку силно и заради јапонските, кинеските и корејските производители за да не се прелее добар дел од вредноста на автомобилите во Азија. Во моментов 30 милиони луѓе работат во европската автомобилска индустрија. Ние имаме значителна технолошка сила, знаеме како да правиме автомобили, електрични автомобили, и мислам дека тоа веќе не е проблем. Проблем е како да продаваме значителен дел електрични возила по цена која купувачите можат да ја платат. Треба да се има предвид и фактот дека тие возила мора лесно да се полнат бидејќи во спротивно целиот процес на електрификација ќе се врати на почеток.
Идната година ќе се појави новата Corsa која ќе биде на истата платформа како и новиот 208, но производството ќе им се одвива во различни фабрики – зошто не се произведуваат заедно на исто место?
– Заради високите бројки на производство. Имаме значајни планови со овие модели на европскиот пазар и нема фабрика со капацитет што би бил доволен за двата модела. Заради транспортните трошоци имаме и различни извори за добавување на потребните делови и компоненти. Работиме со нив заедно за да ги намалиме трошоците бидејќи цената во овој сегмент е доста конкурентна, посебно ако зборуваме за електрифицираните модели.
Во моментов е актуелен проблемот на зависноста на европската автоиндустрија од азиските производители на батерии. Како мислите дека може да биде надминат?
– Две работи. Првата е брзината со која се движиме во процесот на електрификација. Европскиот парламент смета дека може да се користат постоечките капацитети, но всушност процесот е покомплициран. Прво треба да се најдат вистинските добавувачи од хемиската индустрија за ќелиите, да се одредат модулите за нив кои треба да е бидат стандардизирани, да се постави вистинскиот систем за нивно производство, да се покрие тоа со инвестиции… Времето потребно за сето тоа е четири до пет години, односно до некаде околу 2025-тата година. Тоа всушност значи дека Европа веќе доцни, а за да ги имплементираме целите кон кои нé притискаат треба брзо да најдеме решение, кое сега постои само во Азија. А тоа значи додавање голема вредност во европската автомобилска индустрија оттаму, што е директна последица на фактот дека немаме време.
– Втората работа. Да замислиме дека целиот проект околу електрификацијата ќе биде дел од европската авто-индустрија. Мора да признаеме дека таков бизнис план е апсолутно неисплатлив и никој не би се осмелил да стартува со него. Таквите стратешки планови прво мора да станат исплатливи, профитабилни. Мал е сега просторот за остварување на тоа. Франција и Германија преземаат иницијативи, со очекување на поддршка од ЕУ. Но ако од Брисел не стигне поддршка, тие процеси ќе бидат стресни.
Што е со алтернативите на електрификацијата?
– Во моментов постојат неколку такви технологии. Една се горивните ќелии, кои носат со себе поинакви прашања – производството и дистрибутивната мрежа за водородот за нив. Тие се многу важни, но доколку се решат во наредните две-три години, горивните ќелии ќе претставуваат силна конкуренција на електрификацијата. Дури тогаш ќе знаеме дали тоа е вистинската насока на развој во која треба да се инвестира. Тоа е причината заради која сметам дека треба доста професионално да се однесуваме кон ова прашање.