Aurus Senat

насловна

Луксуз на руски начин

Личи на Rolls-Royce, но е издржлив како тенк

Објавено на 7 март 2019 година

Европската публика конечно можеше да ја види руската луксузна лимузина Aurus. Замислено е овој модел да предводи семејство автомобили наменети за државнички потреби. Сите ќе се базираат на единствена модуларна платформа која во првата фаза ќе има 4,4 литарски V8 мотор со 600 коњски сили и 880 њутн-метри. Во Женева беа претставени две верзии, стандардна од 5,6 и блиндирана долга 6,63 метри. Очекувано, во кабината владее луксуз со доста кожа и детали од дрво и алуминиум. Не недостига ниту врвна технологија  – има дигитална инструмент-табла и еден централен напред и два екрани за задните седишта, како и сите познати системи за пасивна и активна безбедност. „Нормалниот“ Senat до стотка стигнува за 6, додека на блиндираниот за истата работа ќе му требаат 9 секунди.

Заедно со рускиот Rolls Royce како што го нарекуваат, во Женева пристигна и веста дека државниот инвестициски фонд на Обединетите Арапски Емирати ќе вложи 110 милиони евра во овој проект, со што ќе се стекне со 36 отсто од акциите на компанијата. Овие средства ќе бидат наменети за организација на масовно сериско производство и развој на дистрибутивната мрежа. Веќе се примаат порачки и од европските купувачи. Количините засега се доста лимитирани, но во план е од идната година да се произведуваат по 5.000 примероци годишно во погоните во руската република Татарстан.