тест Peugeot 508 2.0 HDi :: Вистината за различностите

Тест

Вистината за различностите

Колку Peugeot 508 е различен од другите во оваа класа и колку таквите различности се добредојдени се уверивме за време на нашиот тест на француската лимузина
Објавено на 15 март 2016 година
автор: Зоран Коцев

Различните култури овозможуваат една иста работа да биде направена на различни начини. Затоа и Peugeot 508 е различен од другите во оваа класа. Самоувереното владеење на германските производители создаде голема конкуренција меѓу нив во која купувачите гледаат голема предност за себе. Но дали навистина е така?

Факт е дека германските лимузини од средната класа сé повеќе наликуваат меѓусебе, посебно во чувството при возењето. Но факт е и дека сите останати заедно не продаваат ни половина колку Германците. Сепак најважниот факт е дека и покрај турбуленциите и честото прегрупирање на „останатите“, ретко кој се откажува од својот адут во оваа класа. А и тие што се откажуваат зажалуваат за својата одлука. Тоа се фактите, а сега вистината.

Вистина е дека лојалноста и имиџот на марката се главните критериуми според која купувачите на возилата од оваа класа ја прават првата елиминациона селекција. Вистина е и дека предрасудите се толку силни што едноставно не е возможно ниту некој да ги натера да ги свртат главите кон останатата негерманска понуда. Но вистина е и дека Peugeot отсекогаш добро котирал тука, и покрај огромните разлики меѓу своите модели со кои низ историјата ги предизвикувал Германците. Токму разликите се и главната предност на актуелниот 508, со кој имавме можност подобро да се запознаеме за време на нашето тест возење.

Peugeot 508 Складните и елегантни линии го прават Peugeot 508 уникатно препознатлив меѓу агресивно дизајнираната конкуренција

Однадвор Peugeot 508 со сета своја појава покажува колку е различен од останатите. Уникатните линии го прават елегантен и придонесуваат за создавање впечаток дека вози и кога стои. Заколнатите „германци“ ќе кажат дека му недостасува агресивност, дека вака личи на автомобил од некоја пониска класа, но тоа ќе биде само причина со која ќе се правдаат пред самите себе за своето мислење. Првиот впечаток во внатрешноста пак е неочекуван – ниското седење и спуштениот и исправен управувач изнудуваат чудни гримаси на лицето кое со љубопитност го впива добро организираниот ентериер. Дека ова не е случајно се потврдува веќе по само неколку поминати километри кога човек ќе се навикне на ваквата позиција, дури и оној со моите габарити. При второто влегување приказната се повторува во скратено издание, а веќе при третото ја нема – седењето се доживува како такво да требало да биде отсекогаш, а возењето преминува во рутина фокусирана кон патот и голтањето километри. Тука малку имаме забелешка на целокупноста на задоволството која благо е нарушена со непостојаните вибрации на управувачот и бучавата на ветрот околу ретровизорите при брзини над дозволените, иако тоа може да го припишеме и на небалансирани или оштетени пневматици и лошиот квалитет на нашиот асфалт. Во секој случај не е нешто толку значајно за да го наруши позитивниот впечаток на комфорна лимузина за долги патувања.

Peugeot 508

Внатрешноста на 508 е склоп на новата школа и францускиот традиционализам

Затоа пак во град 508 ќе ви ги создаде вообичаените маки бирајќи паркинг место, чија селекција дополнително е стеснета и со нискиот спојлер напред. Видливоста назад при маневрирањето е задоволителна, а добрата пополнетост со опрема која вклучува и помош при паркирањето го олеснува секојдневното користење. Во тоа голема улога имаат и економичниот дволитарски дизел агрегат и шестстепениот автоматски менувач со кои беше опремено тест возилото. Идеално впарени, сите 163 коњи доаѓаа до израз кога беа потребни, а кога не беа се ангажираат само толку колку што треба. Резултатот е максимални 225 километри на час кои не ги пробавме и потрошувачка од просечни 5,7 литри на сто километри за која имавме впечаток дека е достапна, барем со домаќинско и релаксирано возење какво што најмногу прилега на возило од оваа класа со автоматски менувач.

Релаксирано е и разгледувањето на ценовникот на Еуроимпекс, каде цената на најевтината верзија на 508 стартува од интересни 22.280 евра. Но како бензинската опција не е омилена ниту кај типичните купувачи на Peugeot, а уште помалку кај оние кои бараат 4,8 метарска лимузина (или караван), треба да сметате на најмалку илјада евра повеќе, што е навистина, навистина примамливо. Со порастот на бројот коњски сили расте и купчето евра потребно да го имате на располагање, кое сепак во случајов за верзијата што ја возевме (практично најсилната и најопремената со исклучок на топ моделот GT 2.2 HDi Auto) запира да расте на 31 илјада, оставајќи ви доволно простор да размислувате за некоја од интересните опции, како што се LED фаровите со автоматски долги светла, head-up дисплејот и слично. Секако, и германските лимузини од овој сегмент имаат вакви работи, ама кај нив тие чинат малку повеќе…

Peugeot 508

Цената на најевтината дизел верзија на Peugeot 508 кај нас изнесува 23.270 евра

 основни податоци Peugeot 508 2.0 HDi
 мотор: 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, common-rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор, интеркулер, 1.997 cm³, 163 KS при 3.750 min-1, 340 Nm при 2.000 min-1
 трансмисија: мануелен или автоматски менувач со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 215/55 R17
 каросерија: лимузина со 4 врати, 5 седишта, 4.830×1.828×1.456 mm, меѓуоскино растојание 2.817 mm, тежина 1.520 kg, максимална тежина: 2.075 kg, багажник: 515 dm³, резервоар 72 литри
 перформанси: максимална брзина 225 km/h, забрзување 0-100 km/h за 9,2 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 4,6/7,6/5,7 l/100 km, емисија на CO₂ 140 g/km
 цена: 27.180 евра за пакет опременост Active; 28.880 за Alure; 30.910 за верзијата со автоматски менувач
клучни зборови: