Горивата поевтинуваат – за 0,28%

Македонија

Горивата поевтинуваат – за 0,28%

Објавено на 20 август 2018 година

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и овојпат остана доследна на своите заложби да им го направи летувањето на годишноодморците поевтино – ги намали цените на горивата кај нас. Според нивното соопштение, заслугите за ова поевтинување одат на сметка на просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар која во изминатиот 14-то дневен период беше за 4% пониска и референтните цени на нафтените деривати кои забележаа намалување кај бензинот во просек за 2,94%, а кај дизелот во просек за 0,88%. Математиката предвидена во Методологијата ја измеша курсот на доларот кој порасна за 3,03%, така што на крај, имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи, рафинериските цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 0,66%, а малопродажните цени за 0,28%. Клучниот збор во сето ова е „во просек“, бидејќи на бензинските пумпи од утре па во наредните две недели ќе плаќаме по половина денар помалку за бензините, но и исто толку повеќе за дизелот, така што за литар еуросупер  БС-95 и БС-98 ќе издвојуваме по 71,  односно 72,50 денари, додека пак за литар еуродизел Д-Е V по 63 денари.