Теренски автобус од Украина, кој доаѓа од Словенија или Словачка, или пак од Чешка – кој ли ќе знае… (со видео)

Занимливости

Теренски автобус од Украина, кој доаѓа од Словенија или Словачка, или пак од Чешка – кој ли ќе знае… (со видео)

Деновиве до нас пристигнаа интересни вести – компанијата Pulsar Expo за само една година разви теренски автобус, но поинтересно е прашањето каде се произведува
Објавено на 19 август 2018 година

Постарите меѓу нас се сеќаваат – теренски автобуси, имаше во нивното време. Но сега се некои други времиња кои носат други дилеми – дали теренскиот автобус Torsus Praetorian се произведува во Словенија, Словачка, или пак во Чешка. Но, да тргнеме од почеток – компанијата Pulsar Expo која ги има развиено за само една година е од Украина, но според едни информации фабриката во која автобусот се произведува е во Словенија, а според други во Словачка. Некои ја споменуваат дури и Чешка, но според нас, бидејќи компанијата на својата официјална страница има повеќе вести за поддршката на разни кошаркарски тимови отколку за тоа што произведува, со резерва но сепак во прашање е Словачка, поточно Братислава.

Но како и да е, Torsus Praetorian во моментов е уникатен производ кој како таков веќе го има привлечено вниманието на разни агенции на Обединетите Нации за извршување на зададените задачи. Има капацитет за 35 луѓе и во основа е алтернатива на грубите руски камиони со заден дел прилагоден за патници кои служат за транспорт на работниците на сибирските нафтени полиња. Направен е на шасија и со употреба на агрегатите на MAN, но конструкцијата му е сосема оригинална и дизајниран е, како велат Украинците, од страна на странски дизајнер. Должината, ширината и висината изнесуваат 8.450×2.540×3720 mm, а меѓуоскиното растојание 4.200 mm. Вкупната тежина достигнува масивни 13.500 kg, а клиренсoт му е импресивни 389 mm. За издржливоста гарантира цврстата шасија направена од заварени челични цевки, а надворешните панели се од композитни материјали.

Автобусот е опремен со MAN дизел мотор од 240 KS. Еколошката класа зависи од желбата на купувачот – можно е да се испорача со агрегати во изведби од Еуро 3 до Еуро 6. Од тоа, нормално, зависи и цената која не е помала од сто илјади евра. Максималната брзина на му е 117 km/h, a досега (во Словенија, Словачка или Чешка – каде и да е, сеедно) се направени осум примероци. Во процес на склопување се уште 17, бројка која ќе расте бидејќи Pulsar Expo очекува Torsus Praetorian да добие сертификат од Европската Унија за нова категорија возило – за off road автобус. Во меѓувреме, интерес за него изразија компании од Грузија и Нов Зеланд за разнесување скијачи на планините, Бангладеш размислува за купување на дури 105 возила за потребите на министерството за одбрана, а некои други ги разгледуваат неговите можности за користење од страна на итните служби.

клучни зборови: