Bultaco

Занимливости

Шпанска мушичка

Некогашниот шпански производител на мотоцикли Bultaco се враќа на сцената со интересни производи. Замислени се како еден вид хибриди меѓу мотоцикл и велосипед на кои им е додаден електричен погон. Моделот Albero е наменет за урбана употреба. Има електромотор со 3 коњски сили со кој постигнува лимитирани 45 километри на час. Батеријата сместена на алуминиумската рамка се полни три часа и му овозможува спортски поминати 60 километри. Опремен е со хидраулични диск сопирачки и друга квалитетна опрема, меѓу која темпомат и 9-степен менувач. Возењето на педали сепак е напорно заради тежината од 40 килограми.

Повеќе возбуда ветува теренскиот модел Brinco, за кој интерес веќе покажаа шпанските вооружени сили. Истата електрична механика му дава подобри перформанси и постигнува брзина од 60 километри на час. Возењето со него по нерамен или каллив терен е чиста забава, скоро како мотокрос мотоцикл само без брмчењето. Ракувањето е лесно, посебно при поголеми брзини а подвижноста ја обезбедува подесливото ослонување. Цената и на двата модела е околу 5.500 евра.

клучни зборови: