насловна

Електричните возила ќе мораат да брмчат

Објавено на 2 јули 2019 година

Му одѕвони на бесшумното возење со електричните и хибридните автомобили – отсега тие ќе мора да емитуваат вештачки создаден звук. Европскиот парламент ја има донесено оваа уредба уште во 2014 година, но со петгодишен период за прилагодување. Тој веќе изминува и ваквите системи веќе станаа задолжителни за сите нови типови, а од 2021-тата ќе бидат и за сите нови возила кои се движат на струја. Емитувањето на некаков звук е потребно да се предупредат пешаците и велосипедистите на можната опасност. Некои поранешни испитувања имаат покажано дека шансите тие да настрадаат од возило што бесшумно се движи се за 37 отсто поголеми отколку од автомобил чиј мотор создава бучава.

Овие системи ќе функционираат само при возење со брзина до 20 километри на час, како нанапред така и наназад. Звукот што ќе го генерираат не може да биде било каков – музика на пример. Тој ќе мора да биде споредлив со звукот на автомобил со мотор со внатрешно согорување од иста класа. Ваквите системи производителите на возила и досега ги вградуваа, но не сите. Некои сметаа дека тоа ќе ги одврати купувачите на електрични возила, но сега ќе немаат избор. И Американците имаат донесено слични прописи, кои кај нив ќе стапат на сила во септември идната година.