насловна

Audi S8 се враќа со вулкан во носот

После четири години отсуство, спортската верзија на A8 се враќа на сцената

Објавено на 2 јули 2019 година

Новата генерација на Audi S8 се подготвува да го пречекори прагот кон своето пазарно лансирање. Сега во руво на најновата генерација на лимузината претставена пред две години таа има ветувачки изглед. Но она што најмногу ветува е твин-турбо V8 вулканот од 4 литри, 571 коњска сила и 800 њутн-метри максимален вртежен момент. Сета таа моќ се испраќа на асфалтот преку Quattro погонот на сите тркала. Но не само што е најсилен во гамата на А8, овој мотор ветува и прифатлива ефикасност преку Mild Hybrid технологијата со 48-волтен систем и старт-стоп функција. За подобри возни својства имплементирано е и управување на задните тркала кое обезбедува и поголема подвижност при маневрирање. Механичкиот пакет е заокружен со активното ослонување и опционалните керамички сопирачки дискови со дијаметар од 16,5 инчи напред и 14,6 инчи назад и дополнет со цела дивизија електроника.

Во првите информации изоставени се спецификациите, податоците за перформансите и цената, за која се очекува дека ќе се движи околу 120 илјади евра. Продажбата на Audi S8 треба да започне рано наесен.