насловна

Fiat и Renault не се откажуваат

Објавено на 12 јуни 2019 година

И покрај наглото прекинување на разговорите за спојување, Fiat и Renault не се откажуваат. Според најновите информации добиени ‘под маса’, веќе се разгледуваат можните опции за продолжување на преговорите. Очигледно е дека и од двете страни постои добра волја, но главна пречка сепак останува француската влада која е сопственик на 15 отсто од акциите на Renault, исто колку што има и Nissan но без право на глас во одборот на директори. Политичарите гледаат проблем во гаранциите за работните места, како и седиштето и името на новата компанија, барајќи отстапки што Fiat ги смета за прекумерни. Како реакција на незадоволство што била посочена како виновник за прекинувањето на разговорите само 10 дена по доставувањето на предлогот од страна на Fiat-Chrysler, владата на Република Франција го има повикано претседателот на итало-американската компанија Џон Елкан да ја преиспитаат својата одлука, но беше одбиена. Затоа и стратешки ја префрли топката кај Nissan, велејќи дека без согласност на долгогодишниот партнер на Renault тие не можат да аминуваат ваков договор. Тогаш од јапонската компанија која претходно соопшти дека ќе се воздржи од гласање за предлогот за спојување стигна барање Renault да го намали своето учество во Nissan кое изнесува значајни 43,4% за да го поддржат договорот. За да биде целосна приказната треба да се спомене дека Јапонците веќе некое време бараат договорот за взаемна сопственост со Renault да се реизбалансира, но и дека стигнуваат условени сигнали од француската влада за подготвеност на намалување на сопственото учество во Renault.