насловна

Ferrari со хибрид од 1.000 KS

Бидете доволно храбри да го замислете – со овие зборови Ferrari ни го најави новиот хибриден модел со цели 1.000 коњски сили

објавено на 15 мај 2019 година

Кога Италијанците во иста реченица ќе ги употребат зборовите Ferrari и храброст, тогаш нешто навистина се случува. Историско би рекле, бидејќи тие не можеа да се воздржат и да нé ни кажат дека се работи за хибриден модел со цели 1.000 коњски сили. Деталите сепак ги задржаа за себе. Им благодариме, затоа што на овој начин возбудата ќе биде поголема, на ниво каква што секој Ferrari заслужува – бил хибрид или не. Јавноста сепак не можеше да се воздржи и да не се обиде да ги дознае. Така се зборува дека хибридизацијата ќе дојде од три електромотори и дека се развиени две различни верзии, една со V6 а другата со V8 агрегат.

Што се однесува до самиот автомобил, за него официјално има само еден збор – се споменува дека ќе биде суперавтомобил. А тоа кога е во прашање Ferrari не кажува ништо што не го знаеме. Од порано сме информирани дека ќе биде позициониран над 812 Superfast, што значи на врв од понудата. Но за разлика од него, нема да има V12 агрегат кој ќе остане ексклузива. Во однос на перформансите скоро сигурна претпоставка е дека нема да ги надмине ултраизданијата како LaFerrari, иако ќе им се доближи. Но не и со цената за која се споменуваат некои 600 илјади евра, што значи дека ќе биде за половина пониска.
Официјалната презентација на новиот модел се очекува во септември, а од Ferrari до крајот на годинава најавија уште две премиери.