насловна

SUV, кросовер, теренец – што и да е…

Теренците од сите видови окупираа повеќе од една третина од продажбата на нови возила во Европа

Објавено на 12 март 2019 година

Настрана лингвистичките разлики околу толкувањето на термините набројани во насловот, продажбата на ваквите возила расте драстично, до толку што веќе е тешко да се прават анализи на пазарот. Jato Dynamics кој пак е прославен токму по тоа, излезе со прецизни бројки за продажбата минатата година во кои јасно и недвосмислено се забележуваат трендовите со кои SUV и кросовер возилата владеат. Некои ги толкуваат овие податоци како изненадување, но тие всушност и не се. Според нив, минатата година во Европа се продадени вкупно 15,5 милиони нови автомобили, од кои 5,3 милиони SUV, кросовер и теренски. Со тоа, нивниот пораст се искачи на 18 отсто, исто колку што беше забележано и лани во однос на полани. Меѓу нив, најголем успех постигна Peugeot 3008, чија продажба нарасна за 26%.

Прецизните податоци на Jato Dynamics велат дека компактните и малите SUV и кросовер возила лани се продадоа во количини од 1,9 односно 1,8 милиони примероци. Далеку зад нив се компактните и средно-големите премиум вакви модели со продажба од околу половина милион. Согласно тоа, сегментот кој претрпи најголем пад на волуменот беше оној на компактните автомобили со што очигледно е дека потенцијалните купувачи на овие возила се преселија во SUV-сегментот. Но тие сепак, според Jato Dynamics, засега заедно со малите автомобили сé уште се најубедливи за купувачите, кои лани во Европа ги освоија 2,8 односно 2,3 милиони. Уште една лоша година исто така имаа големите и премиум лимузини од средната класа, но тоа веќе не е никаква новост.