насловна

Малите автомобили пред изумирање

Го земаат ли новите норми за издувните гасови својот данок?

Објавено на 12 февруари 2019 година

Двата најголеми европски производители на возила истовремено се огласија со црни прогнози за иднината на малите автомобили. Според Volkswagen и PSA групата, заработувачката во овој сегмент која веќе е на минимално ниво не дозволува тие и понатаму да ги произведуваат своите најевтини модели, заради што размислуваат за нивно гаснење. Дополнителен отежнувачки симптом е и намалената побарувачка, заради што прашање е дали светот ќе ги види наследниците на Volkswagen Up!, Peugeot 108 и Citroen C1. Toyota веќе се изјасни дека нема да го произведува Aygo заедно со француските партнери во заедничката фабрика во Чешка, така што овој модел евентуално би бил првата вистинска жртва на заострените еколошки критериуми. А математиката поврзана со нив вели дека возилата од оваа класа би поскапеле за дури 3.500 евра после 2020 година. Тоа веќе доволно кажува за нивната способност да опстанат на пазарот под притисокот на бројните технологии што мора да им бидат додадени. Надежи постојат дека електрификацијата може да ја препороди оваа класа, но во поглед на тоа сите се повеќе од воздржани. Во секој случај, сегментот на мали автомобили сигурно ќе остане без својот главен адут – пристапноста.