Ја возевме новата Opel Astra » Освежена и збогатена

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Освежена и збогатена

Рестилизираната Astra не може да се пофали со темелно променет изглед. Сите промени се направени за да се задржи актуелноста на генерацијата, да се збогати опременоста и подобри еколошкиот ефект. Со новите мотори и менувачи Opel-овата ѕвезда доби аргументи кои ќе привлечат купувачи додека не дојде време за потполно нов модел.

Објавено на 3 септември 2019 година
автор: Крумислав Барзов

За само две години колку е „руселсхајмската молња“ во таборот на РЅА се случи препородување на марката. Финансиските резултати велат дека за прв пат по неколку децении Opel е во позитива 700 милиони евра, има пет успешни модели кои ја делат основата со француските браќа и храбро чекори по патеката на електрификацијата. Од старото време останаа Insignia и Astra. Оваа втората беше подвргната на подмладување бидејќи токму таа е втор по популарност и продажба модел од таборот на Opel.

Само на добрите познавачи ќе им успее да ги забележат промените во дизајнот бидејќи е интервенирано со благи подобрувања додека големите се скриени испод кожата на Astra. Највпечатливи измени се направени на фаровите кои сега се засилени со впечатливи дневни LED светла и со доплата импресивните InteliLux интелигентни светла. Она што окото не го забележува е подобрената аеродинамичност на каросеријата. Таа сега има намален отпор на воздухот од 0,26 кај хечбекот и 0,25 кај караванот што допринесува на економичноста. Добрите познавачи на Opel ќе ја забележат новата маска на ладилникот која во долниот дел има жалузини кои по потреба се затвораат или пак отвораат. Со тоа се добива побрзо загревање на моторот во зима, поефективно ладење во лето и зголемена аеродинамика. Овие три остварувања допринесуваат на економичноста. Но, вистинските штедачи се новите мотори кои ги има три, два бензинци и еден дизел, сите три цилиндерски и сите имаат турбо полнач. Бензинците 1,2 (110 КЅ) и 1,4 (145 КЅ) ветуваат потрошувачка во распон од 5,1 до 5,9 литри на изминати 100 km измерени според WLTP стандардот. Дизелскиот мотор има изведби со 105 и 122 КЅ. Новости се воведени и кај менувачите каде мануелните шест степени се резервирани за послабите со коњи изведби, додека за посилниот бензинец се вградува менувач со континуирана трансмисија со симулација на седум степени, а прв пат во 120-годишната историја на марката се вградува деветстепен автоматик резервиран за посилниот дизел. Opel тврди дека емисиите на CO₂ се намалени и до 17% благодарение на напредниот третман на издувните гасови преку систем сочинет од катализатор за пасивно оксидирање, AdBlue инјектор и DPF филтер. Ваквиот пристап ја задоволува Euro 6d, односно е многу близок до Euro 7 нормите со емисија на CO₂ од 90 грама на километар.

Веднаш кога ќе се седне во внатрешноста се забележува дека се направени сериозни измени. Инструмент таблата, воланот и централната конзола се преземени од поголемата Insignia, сега на располагање е индуктивен полнач за мобилни телефони како и инфозабавен систем ВОЅЕ и многу ситници кои живот значат како греење и ладење на анатомските AGR седишта, греење на воланот, ладење на сопатничката касета… Во интериерот се чувствува подобрениот квалитет на материјалите и завршната обработка.

Во рамките на возењето кое го направивме во околината на Франкфурт имав можност да ги тестирам изведбите со двата бензински мотори. Прва на возење беше изведбата со 1,4 литрениот турбаш со 145 КЅ која по многу нешта изненадува пред се со тивкото и смирено работење. Трицилиндерските мотори порано беа критикувани поради вибрациите и лошиот звук. Сега нема ниту трага од тоа и се наметнуваат со нивната сериозност. Токму така, сериозност. Звучат добро, испорачуваат многу добра перформанса, еластичноста е на високо ниво а згора на тоа суверено се однесуваат во сите сценарија на возење. Овој мотор располага со одлични 220 Nm вртежен момент. Некој може да каже дека тоа не е доволно но ќе направам паралела со трилитрениот V6 бензинец кој беше вградуван во големата Omega кој имаше идентичен вртежен момент. Првиот дел од возењето се одвиваше по автопат на кого без никаков проблем се фативме во „коштец“ со останатите возила. Дури не беа проблематични ниту меѓу забрзувањата па ниту достигнување и одржување на 180 km/h! Почуствував дека моторот има капацитет и за поголема брзина, но поради гужвата не бев во можност тоа да го направам. Голем комплимент за безстепениот менувач чии манири се многу добри, а покрај беспрекорното работење се истакнува со ниска бучавост при забрзувања. Врвот на планината Таунус која е оддалечена триесеттина километри од Франкфурт беше мојата цел. Пониска е од Водно но има одлична патна мрежа. Викендот беше исполнет со високи температури па покрај велосипедистите и рекреативните планинари планината беше исполнета со мотоциклисти и луѓе кои едноставно се кријат од жештините. Или нашки кажано, немаше каде игла да падне. Таа гужва беше симпатична бидејќи сите се однесуваа дисциплинирано. Само мотоциклистите се перчеа со своите гласни машини со кои претекнуваа сé што се движи по патот, само за разлика од нашите на Партизанска, никој не аздисуваше на едно тркало. Полни со свиоци и нагиби до 12% патиштата на Таунус се идеални да се „напне“ автомобилот. Тоа и беше можно само на кратки релации поради преоптовареноста на сообраќајот. Во овие услови до израз дојде потврдото потпирање кое овозможува позабавно возење, а тврдоста не се одразува на удобноста. За пофалба е и електро-хидрауличниот волан кој се вклопува во позитивниот впечаток што го остава обновената Astra. При спуштањето до местото определено за смена на автомобилите забележав дека борд компјутерот покажува просечна потрошувачка од 6,4 литри. Тоа отстапува од декларираните 5,9 литри, ама рака на срце не возев во склад на WLTP нормата.

По кратката пауза слободна за возење беше 1,2 литрениот турбо-бензинец од 110 КЅ. Неговата агилност ме изненади. Впарен сошест степен мануелен менувач дава сосема задоволителна перформанса која не е наменета за возачи со спортски амбиции, но изненадува како солидно се однесува влечејќи ја не така лесната каросерија. Овој склоп сосема добро ја врши доверената работа. За жал, поради набиениот распоред немав време да ја возам верзијата со трицилиндерскиот турбо-дизел ниту пак ниту една изведба во караванска каросерија. Искрено се надевам дека нив ќе има шанса да ги тестирам наскоро. Уште не е одреден датумот на почетокот на продажбата во Македонија, ниту е познато по која цена. Најверојатно тоа би требало да се случи кон крајот на последниот квартал на годинава. Во Германија, на пример, продажбата започнува следниот месец по цена од 19.990 евра за основната изведба.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER