Што ја одбележа автомобилската 2018-та?
Ретроспективата на настаните од минатата година покажува дека таа во многу нешта беше пресвртница, но и дека повеќе ќе сакаме да ја заборавиме отколку да ја паметиме
Објавено на 31 декември 2018 година
автор: Крумислав Барзов
Годинава што измина ја започнавме со нови цени на дизел горивото, зголемени за три ипол денари. Официјално причина за тоа беше да се придонесе за намалување на загадувањето и да се намали разликата во цените меѓу дизелот и бензинот, која лани ова време изнесуваше 11 ипол денари за литар. Но без оглед на намерите на владата, светските берзи реагираат на поинаков начин кој придонесе цената на дизелот да расте побрзо од онаа на бензинот. Бидејќи во пресметката на регулаторната комисија за енергетика за тоа колку ќе плаќаме за горивата влегуваат и овие трендови, цената на дизелот се доближи на само два денари до бензинот. Едно време пред три години оваа разлика изнесуваше дури 18,5 денари. Причината за ова се гледа во трансформацијата на светските рафинерии, кои со модернизација на производството поголем дел од капацитетите наменуваат за полесните горива. Прогнозите се дека овој процес допрва ќе се интензивира, што значи дека треба да очекуваме уште поголеми поскапувања на дизелот.
Во Македонија лани се продадени 575 илјади тони дизел гориво. Најголем дел од потрошувачката – околу 80 отсто, отпаѓа на камионите и автобусите. Но и делот што го трошат автомобилите сé уште е поголем од количината продаден бензин, која изнесува нешто над сто илјади тони на годишно ниво. Во Македонија како и во Европа, половина од регистрираните возила се со дизел мотори. Нивниот број изнесува околу 200 илјади. Возачите за нив се определуваат заради издржливоста и економичноста, која со овие цени е доведена во прашање. Но настаните покренати со дизелгејт аферата покажаа дека тие се проблематични во поглед на загадувањето. Како реакција на тоа, сé поголем број на европски градови воведуваат забрани за нивно движење на своите улици. После серијата судски процеси, пионерскиот чекор го повлече Хамбург кој стана првиот германски град кој ги протера дизел автомобилите. За почеток забраната се однесува за движење на возилата со Еуро 5 или постар мотор, и тоа само на одредени делови од две улици во вкупна должина од само 2,3 километри.
Овој потег ги осоколи локалните градски власти низ цела Европа, така што од повеќе места пристигнуваат најави за забрана за сите возила со бензински или дизел мотор. По тој пат ќе тргне и Македонија, чија легислатива веќе подготвува терен за целосно или делумно ограничување на сообраќајот во деновите кога загадувањето на воздухот е зголемено. За таа цел новиот закон за возила предвидува воведување еколошки налепници според Еуро нормите што ги задоволуваат возилата.
Еколошката лавина на забрани веќе има големи последици по автомобилската индустрија и на трендовите на пазарот. Годинава што измина тоа добро се почувствува. Дури 14 производители најавија дека веќе нема да имаат дизел модели во понудата. Оправданоста на нивната одлука се потврди со продажбата во првите три квартала од годинава, кога дизел возилата забележаа минус од 18 отсто а бензинските пораст од 15%. Истовремено, продажбата на електромобилите и хибридите порасна за една третина. Но иако во нив се гледа решение за урбаното загадување, тоа сепак е многу далеку. Имено, бројот на новите електрични и плаг-ин хибридни возила годинава ќе стигне само до 400 илјади што е помалку од три отсто од вкупниот број продадени возила. Причините за тоа се добро познати – високата цената, долгото време за полнење на батериите, неразвиената мрежа полначи и малата автономија.
А додека се чека тие да се надминат, возачите ќе купуваат автомобили со проверен погонски систем. Но и тука работите се искомплицираа. Имено, продажбата на автомобили во Европа падна за 23,5 отсто во првиот месец по воведувањето на новите WLTP стандарди за тестирање. Нив производителите ги дочекаа неподготвени и добар дел од популарните модели не можеа да ги поминат. Заради тоа нивната испорака мораше да биде привремено прекината. Меѓу оние што најмногу настрадаа е Volkswagen кој забележа минус од 53 отсто и падна на петтото место, а на чело на табелата се најде Opel. Најдобро продаван автомобил во септември беше Corsa, додека деценискиот бестселер Golf се спушти дури на 13-тото место. Како последица на новите тест-норми дојде и до поскапување на автомобилите во оние земји кои давачките ги пресметуваат врз основа на емисиите.
А што всушност значат тие? WLTP е кратенка од Worldwide harmonized light vehicles test procedure, односно светски ускладена постапка за тестирање на лесни возила. Со неа за разлика од досегашните 20 години стари стандарди, треба да се добијат пореални резултати. Дозволените емисии штетни состојки во издувните гасови останаа исти, но со новата процедура на тестирање сега секој мотор ги емитува повеќе. Тоа најмногу дојде како резултат на намалувањето на времето на стоење во место од 25 на 13 отсто и зголемувањето на просечната брзина од 34 на 47 километри на час. И максималната брзина што се постигнува за време на тестирањето е поголема, како и целокупното времетраење на процедурата.
За да ги задоволат новите норми, производителите на возила се приморани технички да ги дотеруваат возилата. Решение засега е вградувањето селективни катализатори и филтри за цврсти честички. За тоа да се спроведе низ целата гама сепак треба време и доцнењето главно доаѓа оттаму. Застој имаше и во капацитетите на независните институции за тестирање, кои едноставно не можеа да стигнат да ги направат новите хомологации. А за нив сега се потребни 600 страници техничка документација, за разлика од поранешните 50. Плус на сé, за секој елемент кој влијае на аеродинамиката или ја зголемува тежината на возилото за повеќе од 5 килограми, потребна е засебна хомологација. Тоа пак директно влијае на пакетите дополнителна опрема и повеќебројните комбинации на мотори и менувачи, кои сега треба поединечно да се испитаат.
Директна споредба меѓу резултатите од стариот и новиот начин на тестирање не е можна, но за илустрација ќе ги наведеме бројките од сé уште актуелниот автомобил на годината Volvo XC40. Тие кај бензинските варијанти со мотор од 190 коњски сили покажуваат зголемување на просечната потрошувачка меѓу 1,1 и 1,5 литри и на содржината на јагленород диоксид во издувните гасови меѓу 20 и 29 грама на километар. Кај дизелот со иста силина разликите се меѓу 1,4 и 2 литра на сто километри и меѓу 35 и 50 грама CO₂ соодветно. Но покрај сувото гори и суровото и во битката со новите стандардни засега најмногу загубија плаг-ин хибридите. Кај нив во резултатите од тестирањата влегуваат и километрите поминати само на струја, заради што нивните бројки од околу 2 литра потрошено гориво на сто километри и 50-тина грама јагленород диоксид ни изгледаа нестварно. Сега тие значително се зголемија, заради што дури 9 од најпопуларните 10 плаг-ин хибриди се повлечени од продажба. Тие со новите бројки веќе не ги задоволуваат административните лимити за добивање субвенции кои постојат во бројни европски земји, заради што цената драстично им порасна.
Нашите купувачи тоа нема многу да ги засегне, бидејќи за нив државата најави субвенции. Се споменуваат 3.000 евра за хибридните и 5.000 за електричните возила. Позитивно влијание ќе има и петкратниот пораст на бројот на полначи низ Македонија. Нив сега ги има скоро во секој град, а не само во Скопје. За жал законските решенија доцнат заради што струја не може да се продава на овој начин. Затоа и полнењето на електричните автомобили на нив е бесплатно, барем засега.
Според новите законски решенија субвенции ќе добијат и возачите кои своите автомобили ќе ги конвертираат да користат течен нафтен гас или метан. Исто и оние кои својот стар автомобил ќе го однесат на отпад и ќе купат нов. Со оваа мерка треба да се намали просечната старост на нашиот возен парк која изнесува скоро 19 години, но за жал засега воопшто не се споменува некакво ограничување на увозот на користени возила. Според царинската управа, во последниве десет години македонски таблички имаат добиено 270 илјади стари возила увезени од странство.