Хибридни возила :: Кои, какви…
Хибридните возила се присутни меѓу нас долго време, но сé уште се техничка непознаница за голем број луѓе
Објавено на 24 јуни 2019 година
Нивната популарност ја лансираше Toyota со моделот Prius и затоа се смета дека сите се такви. Но според конструктивните решенија тие всушност многу се разликуваат меѓу себе. Заедничка особина им е дека за погон користат енергија од два извора, од кои еден е електромотор. Вториот по правило е мотор со внатрешно согорување – бензински или дизел, но не мора да биде. Токму начинот на кој тие се комбинирани ги определува какви се. Најчести денес се таканаречените паралелни хибридни. Кај нив двата мотора механички се поврзани меѓу себе. Работат симултано, но можат и индивидуално да ги задвижуваат погонските тркала. Електромоторот најчесто е сместен меѓу моторот со внатрешно согорување и менувачот. При мали брзини и на кратки растојанија тој ја дава движечката сила, додека во нормални услови на возење работи класичниот мотор. Ако се јави потреба од повеќе сила – при престигнување на пример, неа ја испорачуваат двата мотора заеднички.
Нивна посебна изведба се таканаречените благи или делумни хибриди, кои функционираат на истиот начин но со поедноставени механички решенија. Заради тоа имаат пониска цена, но и значително помали бенефити од хибридната технологија. Пазарот не ги прифати и нивната понуда сé повеќе се намалува. Иста судбина доживеаја и сериските хибриди, кои теоретски се понапредни. Кај нив погонските тркала исклучиво се задвижувани од електромоторот. Кога батериите ќе се испразнат се вклучува моторот со внатрешно согорување, кој работи само како генератор за струја. За жал место да ги обединат предностите на двете технологии, овој вид хибридни возила ги истакнаа нивните мани. Купувачите ги избегнуваа и автомобилите со вакви решенија денес се ретки. Нив ги истиснаа plug-in хибридите, кои можат да се полнат со струја од електричната мрежа. Тие во основа се возила со паралелен хибриден систем, со таа разлика што имаат посилен електромотор и батерии со поголем капацитет. Способни се на струја да поминат најчесто околу 50 километри и да постигнат максимални 120 до 130 километри на час. Така при нормално возење во град тие функционираат како електрични, а на отворен пат како конвенционални возила.
Суштински слични но сепак различни, паралелните и plug-in хибридите ќе продолжат да егзистираат заедно уште долго време бидејќи пазарно не си пречат едни на други. Лани во Европа се продадоа 460 илјади хибридни и 144 илјади plug-in хибридни возила. Сигурни сме дека ќе опстанат и кога електричните возила ќе завладеат со нашите улици. Сериската хибридна технологија се покажа како погодна за користење кај градските автобуси. Кај нив системот за навигација ја контролира работата на дизел моторот, кој се вклучува само на делниците меѓу две постојки. Автобусот тргнува и забрзува само на струја, со што загадувањето на воздухот е значително намалено. Оваа технологија има автомобилска перспектива единствено кај водородните возила, чие време сé уште е далеку во иднината.