Кој ќе победи?
Сепак вистинското прашање е кога ќе победи…
Објавено на 20 август 2019 година
Веста дека во Велика Британија има повеќе полначи за електричните возила отколку бензински пумпи предизвика гласно неизговорена лавина од сомнежи – не дали е вистинита, туку како е тоа можно кога добро знаеме со какви комерцијални проблеми се соочуваат електричните возила на својот пат кон нашето секојдневие. А тоа само по себе го покрена прашањето на битката меѓу струјата и октаните, која на бојното поле веќе не се води за тоа кој ќе победи, туку кога ќе победи. Сепак, за да некој победи треба да има добра логистичка поддршка, а таа во моментов сé уште е на страната на октаните – освен во Велика Британија, иако и за тоа треба да се дискутира со аргументи кои тргнуваат од фактот дека за полнење бензин требаат неколку минути, а за полнење батерии на електричен автомобил десетина пати повеќе…
Сепак да почнеме од почеток, а тој е лоциран некаде пред повеќе од 180 години, во периодот меѓу 1832 и 1839 година кога шкотскиот пронаоѓач Роберт Андерсон го има конструирано првото електрично возило, со децении пред појавувањето на првиот мотор со внатрешно согорување. Исто така, малку познат факт е дека и првиот автомобил на Фердинанд Порше беше електричен. Тоа значи дека електричните возила не се непознаница во автомобилската индустрија. Напротив, тие отсекогаш покажале дека се доста подоверливи од оние со мотор со внатрешно согорување, факт што и ден-денес важи, бил потврден од јавното мислење или не, сеедно. Имено, електричните возила според концептот се помалку комплицирани, бидејќи имаат помалку основни и помошни компоненти. За жал, отсекогаш страдале од болката за квалитетно складирање на струјата и посебно инфраструктура за полнење на батериите, какви и тие да се. Автоматски тоа значи дека не се погодни за подолги патувања, што во голема мерка психолошки влијае на сфаќањето на човекот за автомобилот како средство што му ја овозможува слободата на движење и живеење. Фактор и тоа сериозен е и цената, која на крај краишта еден ден со помасовно производство треба да стане попристапна. На сето тоа треба да ја додадеме и екологијата која со оглед на временскиот след е од понов период, но сепак доста важен иако од некои аспекти дискутабилен фактор за нашиот однос кон електричните автомобили.
Ако сепак се задржиме на законите на физиката, тие велат дека во споредба со автомобилите со мотор со внатрешно согорување електричните автомобили имаат поголема енергетска искористливост и помала бучава. Дополнително, имаат и подобри перформанси. Вистинската синергија ќе се добие ако тие се условат со користење на алтернативни извори на електрична енергија за надополнување на нивните батерии, со човештвото вистински ќе направи чекор кон намалувањето на зависноста од фосилните горива – нафтата, гасот и јагленот. Сепак препреките за глобална прифатеност на електричните возила сé уште се поприлично големи, а меѓу нив покрај актуелните кои се однесуваат на капацитетот на батериите и цената, најмногу се закануваат социјално-културната конзервативност и не докрај дефинираните ставови на државните зафаќања во смисла на полнење на буџетот. А во поглед на тоа во моментов на мода е да се дава економска поддршка на возилата на електричен погон преку разни видови субвенции и бенефиции. За жал не и кај нас, но сепак дури и нам ни е јасно дека еден ден тие ќе секнат и електричните автомобили не само што нема да бидат повластени, туку на своите плеќи ќе го носат финансискиот товар на цивилизациското ниво на општеството во кое живееме. Еден ден актуелните трендови за потенцијално решавање на еколошките и енергетските предизвици создадени од политички мотиви ќе згаснат, а со нив во добар дел и сегашната економска исплатливост на електричните возила. Нам искрено ни останува да се надеваме дека тоа ќе се случи откако електричните возила ќе го достигнат неопходното ниво на технолошки развој навистина да станат нераскинлив дел од нашето живеење, наместо како сега што ги прифаќаме како еден вид егзотика.
Параметри за предвидување на иднината има многу, но без разлика на нив сепак на сите ни е јасно дека автомобилите задвижувани на струја полека, но сигурно ќе го најдат своето место меѓу нас. Годините наназад покажаа дека авто-индустријата се свртува кон штедливите и обновливи извори на енергија, меѓу кои без двоумење најперспективни и најизвесни се електричните возила кои настапуваат како закана за оние со конвенционални мотори. Затоа и како прв чекор се очекува битката меѓу нив најпрво да стане рамноправна.