Најголемиот проблем не е решен
За да стигне електричната иднина, се чека на нови технологии
Светот дефинитивно се свртува кон струјата како движечка сила, но за нејзино целосно владеење потребно е да помине уште многу време. Најголем проблем засега се батериите на возилата – скапи се и тешки, се полнат долго а нудат ограничена автономија. Тоа доведува до вториот проблем – полначите. Заложбите за изградба на поширока мрежа станици за полнење со брзи полначи доцнат зад зголемувањето на бројот на електрични возила. Релативно добро се покриени само големите европски градови и прометните автопатишта, но и тоа не е доволно бидејќи со оглед на ритамот на животот голем број возачи имаат потреба и можност да ги користат во исто време од денот. Проблем е и нестандардизираноста на конекторите за полнење, како и различните брзини на полнење што ги подржуваат возилата или полначите. Со еден збор, ситуацијата треба подобро да се регулира.
Но најголемиот проблем допрва ќе дојде – струјата за електричните возила треба да се произведе. Со оглед на трендовите за затворање на термоцентралите, тоа ќе биде проблем, не само технички туку и финансиски. Единствено реално издржано решение е нуклеарната енергија, но никој не би се осмелил да предложи изградба на нови реактори за струја за електричните возила. Ако погледнеме малку пошироко и во електрификацијата ги вклучиме и сите други облици на транспорт а не само автомобилите (камионите, автобусите па и авионите и градежните машини на пример) тогаш целиот оптимизам спласнува – европските стручњаци предупредуваат и проценуваат дека во случај целиот денешен сообраќај да стане електричен, ќе биде потребно два до три пати повеќе електрична енергија отколку што сега се произведува.
За крај, проблем ќе биде и рециклирањето на батериите бидејќи сегашната технологија е комплицирана и скапа, а постројките за тоа практично не постојат.