Дали заштитните давачки за кинеските автомобили ќе станаат камен на сопнување помеѓу Европа и Кина?
Автомобилската индустрија е значаен столб во економијата на развиените земји од која зависат многу работни места. Полека, но сигурно, Кина го превзема приматот на светската сцена благодарение на поевтините автомобили што таму ги произведуваат нивните марки. Размислувањата на кој начин да се заштитат европските производители од заканувачката конкуренција стануваат сé погласни и се во смер на превземање на конкретни мерки.
Неодмна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент потенцира дека глобалните пазари се преплавени со поевтини електрични автомобили чија цена се одржува вештачки ниска со огромни субвенции од кинеската држава. Високи личности од автомобилската индустрија, како што е извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, и неговиот колега од Renault, Лука де Мео, веќе изразија загриженост за способноста на западните производители на автомобили директно да се натпреваруваат со кинеските брендови.
Претходно оваа година тие предупредија на „ужасната борба“ што претстои барајќи начини како да се намалат трошоците за производство на ЕВ за 40 проценти. Европската комисија соопшти дека уделот на Кина на електромобили продадени во Европа се зголемил на 8 отсто и би можел да достигне 15 отсто во 2025 година. Во 2022 година, 35 отсто од сите извезени електрични автомобили потекнуваат од Кина, 10 процентни повеќе од претходната година. САД превзеде мерки за заштита на своите производители воведувајќи увозни давачки во висина од 27,5 отсто.
Европа спроведува истрага околу државните субвенции на Кина за тамошните автомобилски производители по што ќе одлучи какви мерки ќе бидат превземени. Сосема очекувано, Кина го критикува покренувањето на истрагата од страна на Европската комисија за кинеските субвенции за електрични возила како протекционистички чин кој сериозно ќе ја наруши глобалната автомобилска индустрија и синџир на снабдување и ќе има негативно влијание врз економските и трговските односи Кина-ЕУ. Кина ќе посвети големо внимание на протекционистичките тенденции на ЕУ и последователните активности и цврсто ќе ги заштитува легитимните права и интереси на кинеските компании Тоа соопштение дојде од кинеското Министерство за трговија.
Кинеската асоцијација за патнички автомобили, која ги претставува производителите на автомобили, рече дека растечкиот извоз на ЕВ не е поради тоа што индустријата добива големи субвенции, туку затоа што синџирот на снабдување на Кина е многу конкурентен. Западните земји почнаа да реагираат дури сега кога кинеските компании претставуваат конкурентна закана. Аналитичарите на Евроазиската група предупредија дека доколку Брисел на крајот наметне давачки за кинеските ЕВ, Пекинг најверојатно ќе воведе контрамерки за да им наштети на европските индустрии.
Западните производители на автомобили се потпираат на кинескиот пазар и таму остваруваат голем дел од нивниот приход.Иронично, царините на ЕУ потенцијално би можеле да им наштетат на западните марки, бидејќи производителите на автомобили имаат производствени локации во Кина и извезуваат возила во Европа.