го возевме Rolls-Royce Cullinan

насловна

Дијамант за новите купувачи

Cullinan отиде таму каде ниеден Rolls-Royce пред него не беше, и тоа не само според SUV-концептот

објавено на 14 мај 2019 година
автор: Младен Алвировиќ, уредник на емисијата SAT

Името го доби по најголемиот небрусен дијамант било кога пронајден, меѓутоа Cullinan е и тоа како вешто изработен производ кој сосема сигурно ќе ја зголеми продажбата на британската куќа за двоцифрен процент. Ќе привлече најверојатно нови купувачи кои порано немаат поседувано никој од моделите на Rolls-Royce бидејќи традиционалистите од почеток се мрштат на идејата марката да има SUV. Нашиот впечаток е дека кога еднаш ќе се најдете во неговата кабина нема да можете да најдете битна разлика во однос на Phantom, ни според луксузот, ни по возната динамика. Спротивно на тоа што на оваа грдосија бројките не ѝ одат целосно во прилог.

V12, би-турбо

6.750 cm³

571 KS при 5.000 вртежи во минута

850 Nm при 1.600 вртежи во минута

Cullinan е прв во сé. Прв Rolls-Royce со 4×4 погон. Прв автомобил на британската куќа кој воопшто може да се нарече SUV или барем автомобил за сите терени бидејќи во Rolls-Royce не го сакаат овој термин. Прв модел од оваа категорија со троволуменска форма типична за лимузините – физички одвоен дел за моторот, простор за патниците и исто така физички одвоен багажник. Прв е и по она што го нуди кога е во прашање луксузот меѓу спортско-корисните модели. Прв повеќенаменски или, подобро кажано практичен Rolls-Royce колку што еден ваков автомобил може да биде. Прв модел е на оваа куќа што има фабрички вградена кука за влечење. Ако продолжиме ќе кажеме и дека е прв Rolls-Royce со екрани чувствителни на допир за патниците назад. Но да не должиме – тој е еден навистина посебен автомобил. Затоа слободно можеме да кажеме дека приликата да го запознаеме беше вистински празник за нас бидејќи не секој ден можете да бидете сведок на создавањето на историјата на автомобилската индустрија. Затоа и му пријдовме со потполно отворен ум не оставајќи ни најмалку простор да го споредуваме со било што, посебно не со лимузините на британскиот производител. Сакавме прво да откриеме каде лежи душата на овој автомобил па дури потоа да ги побараме сличностите и разликите.

Леснотијата е во гените

Сепак штом ќе тргнете, не можете да не забележите дека Cullinan како и секој друг Rolls-Royce се однесува толку меко и патува со толкава леснотија што ни зборовите „крстосување по асфалтот” не можат сосема јасно да го доловат впечатокот. Повеќе изгледа како да се возите на волшебен килим по облаците. Со два прста се насочува каде ќе посакате и тој веднаш итро но не и остро ќе одговори на вашите барања. Совршен додаток на традиција што марката од Гудвуд ја ѕида веќе 113 години. Не е во прашање чиста удобност на ослонувањето кое е воздушно и електронски контролирано, туку комбинација на сé што е во гените на самиот бренд. Моторот од 6,75 литри со 571 коњска сила дава перформанси достојни за спортист. Забрзува со леснотија и ќе побегнете дури и од авион ако докрај ја притиснете педалата за гас. Потполно новата алуминиумска шасија го прави овој автомобил поцврст отколку што можете да замислите. Со леснотија свртува и одговара на последователните промени на насоката на движење. Сé додека сфаќате дека оваа грдосија од 5,3 метри и 2,7 тони мора да се вози така што во свиоците влегувате малку порано отколку што сетилата ви налагаат и дека од суштинско значење е добро да ја контролирате брзината на возење. Сé дотогаш сé делува како од бајка.

Тишината е најгласна

Најгласниот адут пред купувачите е најголемата можна тишина. Во кабината сте изолирани од сé од надвор, вибрациите и бучавата, до толку што не можете да се оттргнете од впечатокот како одеднаш светот околу вас да го гледате од височина. Потполната тишина ја гарантираат преку 100 килограми материјал за звучна изолација. Понатаму, стаклата на вратите се двојно подебели отколку на обичните автомобили, плус имаат и фолија за звучна изолација на средина. Тишината ја гарантираат дури и пневматиците развиени токму за овој автомобил заедно со Continental. Сé додека патот не стане нерамен, не сте ни свесни по што возите. Кога ова ќе го почувствувате во живо, јасно станува зошто најмоќните луѓе во светот не ги ни гледаат автомобилите кои ние обичните смртници ги обожуваме.

Душата е во кабината

Сепак душата на секој Rolls-Royce е неговата кабина. А токму тоа што има облик на теренец на Cullinan му го обезбедува враќањето кон корените. Сите модерни автомобили се пониски и заради тоа е сé потешко да се влезе во нив. Не е аристократски човек да се наведнува, а кога влегувате во Cullinan навистина можете да вшетате во него со подигната глава. И кога ќе се сместите во една од фотелјите назад, положбата е некако природна. Не сте опколени со лим и сокриени, туку напротив – страничните стакла се големи и ниско поставени. Сепак за разлика од некои стари генерации на прочуените лимузини, се чини дека инженерите возачот го немаат ставено во втор план. Напротив, местото зад управувачот е еднакво удобно и престижно како и оние назад. Не можеме да се оттргнеме од фактот дека наместо 60% колку што од сопствениците на Phantom сами ги возат своите автомобили, тука тој процент ќе биде поголем.

Кога веќе ја споменуваме традицијата, Cullinan е преполн детали кои потсетуваат на она што се среќавало на моделите пред 50 или повеќе години. Да кажеме, нема веќе подесување на климатизацијата по степени туку со две лизгачки копчиња одредувате дали сакате да ви биде потопло или поладно, и тоа одвоено за горниот дел и за нозете. Исто така впечатливите метални рачки за отворање и затворање на вентилацијата и понатаму се тука. Ладилникот и конзолата во која се наоѓаат чаши за некое убаво пиење се подразбираат.

Спротивно на тоа, Cullinan нема одлутано во потполно луксузна форма. Како вистински теренец тој има и своја практична страна. Се претпоставува и очекува дека многумина овој автомобил ќе го користат за задачи кои ниеден Rolls-Royce порано не можеше да ги прифати. Посебно во земјите на Блискиот Исток. Освен излетите надвор од патот, тука е и опцијата да имате кука со автоматско извлекување. Исто така ако наместо две одвоени седишта назад порачате задна клупа, можно е таа да се преклопи за да се добие поголем багажник. А искрено, можни се и некои прилично чукнати нешта. На пример ако се вгради посебен модул во багажникот се добиваат две седишта кои заедно со масичка се извлекуваат од задниот дел. Идеално седејќи на работ од багажникот да уживате во погледот, пикникот, ловењето риба или нешто десетто.

Силата на технологиите

Да не заборавиме, и сета модерната електроника е тука – head-up дисплејот во боја кој се проектира на ветробранското стакло, радарот на предниот дел, четирите камери за помош при паркирање и така по ред. Од сето тоа најмногу се израдувавме на нешто што малку кој теренец има, а на една ваква грдосија и тоа како ѝ e потребно – управувањето на сите четири тркала. Како и кај другите слични системи, при мали брзини задните тркала се вртат во спротивна страна намалувајќи го радиусот на свртување, а при поголеми брзини на иста страна за да се добие поголема стабилност. За жал, и покрај тоа минималниот простор за полукружно вртење е преку 13 метри.

Замерка, а не е за дизајнот

Бидејќи започнавме со замерките, да истакнеме уште некои. Пред сé би сакале сопирачките да бидат помоќни. Не се лоши воопшто, но идејата на Rolls-Royce возењето да се направи чисто и без оптоварувања резултираше со тоа да нема рачно менување на степените на пренос, никакво бирање на режимот на работа или слично. Треба само да префрлите во драјв и да возите. Но тоа истовремено значи и дека кога ќе се најдете пред низа последователни свиоци или долго спуштање од планина исклучиво мора да ги користите сопирачките – нема кочење со моторот. Но со тежината од скоро 2,7 тони треба да се избори и ние би сакале чувството на сопирачките да не биде добро туку одлично, чисто за комплетирање на довербата. Исто така мора да сметате и на тоа дека не може да се избегне вака голем и тежок автомобил да не се навалува во свиоци, колку и ослонувањето да му е перфектно. Додуша, ова е Rolls-Royce па тоа од него и се очекува. И за крај нема преграда со која патничкиот простор се одвојува од возачкиот дел бидејќи не е доволно голем за тоа – според должината Cullinan е еден од најмалите модели на Rolls-Royce.

Дали ќе биде успешен? Сосема сигурно, иако е еден од најскапите автомобили на планетава. Како велат во Rolls-Royce, според почетниот интерес може да се заклучи дека требало да биде уште полуксузен и поскап. Дали вреди за парите? И тоа е сосема сигурно, под услов да ги имате доволно.

основни податоци Rolls-Royce Cullinan
мотор: 12 цилиндри во V, 4 вентили по цилиндар, два турбо компресора, 6.750 cm³, 571 KS при 5.000 min-1, 850 Nm при 1.600 min-1
трансмисија: автоматски менувач со 8 степени, погон на сите тркала, пневматици со димензии напред 255/45R22 назад 285/40R22
каросерија: SUV со 5 врати, 5.341×2.000×1.835 mm, меѓуоскино растојание 3.295 mm, тежина 2.660 kg, багажник: 526 dm³, резервоар 100 литри
перформанси: максимална брзина 250 km/h, забрзување 0-100 km/h за 5,2 секунди, просечна потрошувачка 17,0 l/100 km, емисија на CO₂ 341 g/km