го возевме Renault Kadjar

насловна

Атрактивен стил и комфор на ново ниво

Продадените 450 илјади примероци од неговото лансирање го сместија Kadjar меѓу клучните модели на Renault, заради што сега после за 4 години не се одеше длабоко во неговата рестилизација

Објавено на 4 февруари 2019 година
автор: Зоран Коцев

Со измените на новиот Renault Kadjar се запознавме на краткото дружење со него на регионалната презентација, пред почетокот на продажбата. Нив ги има најмногу во внатрешноста и главно се засновани на она што Французите како забелешки го имаат слушнато од купувачите. Поголемиот број хромирани елементи додаде малку елегантност во типично спортското опкружување. На централната конзола доминира складно вклопениот повеќенаменски екран со големина од само 7 инчи. Контролите на климатизацијата сега се поубави и полесни за ракување, а седиштата направени од пена со две различни цврстини поанатомски. Потврдиот страничен дел добро го држи телото во свиоци, а останатиот помек дел од седиштето придонесува за подобро чувство на удобност во возењето.

Флуидните линии, динамичките квалитети и комфорот се причините зошто Kadjar привлече толку купувачи

Разликите кај надворешниот изглед на Kadjar се суптилни, но познавачите на моделот веднаш ќе ги забележат. Пошироката маска заедно со задржаните мускулести облини му даваат поробусен изглед, додека елеганцијата е освежена со хромираните детали. Мигавците интегрирани во ЛЕД светлата и изменетиот браник дополнително ја акцентираат спортската душа што му ја обезбедува сериозно подновената гама мотори. Неа ја предводи новиот 1,3 литарски турбо-бензинец со 140 и 160 коњски сили, развиен заедно со Mercedes. Тој има поминато 40.000 часа интензивни тестирања, што е еквивалент на 14 години експлоатација по 8 часа дневно. Познатиот 1,5 литарски dCi сега е малку засилен, додека 1,7 литарскиот агрегат со 150 коњи е нов во дизелската понуда. За жал, единствено тој може да се добие со погон на сите тркала. Кај другите моторни верзии во теренските авантури ќе асистира едноставниот грип-систем со три режими на работа. Од помош секако ќе биде и клиренсот од 20 сантиметри, заедно со тркалата со големина од 17 и 19 инчи.

Секој детаљ во внатрешноста на Kadjar е ревидиран

Новиот Kadjar не го пробавме на терен, но затоа добро го извозиме на секаков вид асфалт. Посебно нé воодушевија бензинските верзии, кои на овој кросовер му обезбедуваат атлетски особини. Новиот мотор заедно со мануелниот менувач со кој лесно се ракува овозможува остварување на сите желби на возачот, дури и на некои што се чинат невозможни. Седумстепената трансмисија со двојна спојка уште повеќе го истакнува ова чувство. Послабата дизел изведба е малку потсмирена во возењето, веројатно заради потребата да ги задоволи новите еколошки норми. Поголемиот дизел не ни беше на располагање, но и без него сфативме дека Kadjar е автомобил со доста агилни перформанси. За вкупниот позитивен впечаток придонесува и одличната звучна изолација. За сé да помине во ред треба да се грижат 10-те безбедносни системи, од кои повеќето достапни и во возилата со пониски пакети опрема.

Три од моторите со кои Kadjar е достапен се нови, а четвртиот обновен и засилен

Интересот за компактните кросовери во оваа деценија се зголеми за четири пати. За да ја подобри сегашната позиција во сегментот во кој владее Nissan Qashqai, Renault ќе го нуди обновениот Kadjar со посилни мотори и подобра опременост за слична, или минимално корегирана цена. Колку ќе чини во Македонија дополнително ќе дознаеме.

основни податоци Renault Kadjar
TCe 140 TCe 160 Blue dCi 115 Blue dCi 150
зафатнина (cm³): 1.332 1.332 1.461 1.749
силина (KS/min-1): 140/4.500 160/5.000 115/3.750 150/3.750
вртежен момент (Nm/min-1): 240/1.600 260/1.750 260/2.000 340/1.750
димензии (mm): 4.489×1.836×1.607
меѓуоскино растојание (mm): 2.646
багажник (dm³): 472/1.478
максимална брзина (km/h): 203 210 189
забрзување 0-100 km/h: 10,4 9,6 11,7
потрошувачка (l/100 km): 5,0/7,4/5,9 5,0/6,7/5,6 4,0/5,0/4,4
емисија на CO₂ (g/km): 135 133 115