Практичен шармер
Дали Opel Combo Life е германско или француско возило? А зошто не и двете? Отидовме во Руселсхајм во потрага по одговорот
Објавено на 4 септември 2018 година
автор: Крумислав Барзов
Подемот на популарноста на многунаменските возила се случува полека и сигурно. Не е мал бројот на производителите кои се обиделе да успеат во овој сегмент, но малкумина и таму опстанале благодарејќи на здружувањето. Досега Opel со моделот Combo успеа да фигурира на оваа сцена повеќе од две децении, а со влегувањето во групацијата РЅА, која со адекватните изведби Peugeot Partner и Citroen Berlingo кои заземаат скоро една третина на пазарот, гледа своја шанса за зголемување на пласманот и обезбедување на групацијата поголем дел од колачот на светскиот пазар.
Преминување на Opel од таборот на GM во РЅА беше исполнето со многу прашања. Една година подоцна повеќето од нив добиваат одговори и тоа позитивни. Корпорациската припадност почна да се оформува со моделите Crossland X и Grandland X, а неодамна се зацврсти со петтата генерација на Combo. Бевме поканети во Руселсхајм за да ги возиме двете верзии. Патничката е наречена Life, додека товарната нема никаква придавка. Тие се поставени на иста основа и од двете верзии има класична и продолжена изведба. Првата е долга 4,4 метри (меѓуоскино растојание 2.785 mm) додека варијантата XL e за 35 сантиметри подолга и има 192 mm повеќе од претходното меѓуоскино растојание. Бидејќи за товарната изведба има ембарго на објавување до почетокот на саемот на товарни возила во Хановер, ќе се сконцентрираме на патничката.
На прашањето Дали Opel Combo Life е германско или француско возило се одговара со друго прашање
Дали е Opel Combo германски или француски производ?
Иако бевме присутни во домот на Opel, се наметнува прашањето дали Combo е германско или француско возило? Ако дискутираме за основата, бензинскиот мотор и мануелните менувачи, тогаш тежината преовладува на француската страна. Доколку пак ги земеме во предвид дизајнот, автоматскиот осумстепен менувач и дизел моторите, тогаш тежиштето се префрла на германската страна. Можеме оваа истрага да ја продолжиме понатаму, но не гледам причина за тоа. Пред мене имам производ што го носи знакот на „молњата од Руселсхајм“ кој ги носи одликите на современата автомобилска индустрија во која е сосема нормално да се употребуваат и користат заеднички решенија и за помалку поврзани производители.
Што е и кому е наменет Combo?
Изгледот на Combo Life е во потполна релација со останатите модели на Opel. Просторноста и многунаменоста на новата генерација се забележува на прв поглед. Масивната маска на ладилникот, големите светла, робусната каросерија и задните лизгачки врати најавуваат дека ова возило има огромен потенцијал да се задоволат потребите на млади активни семејства, луѓето што се занимаваат со спортови кои изискуваат големи реквизити и сите оние кои од своето возило бараат можност за трансформација на внатрешноста. Тоа најдобро се гледа во потенцијалите на помалата каросерија која може да ја изберете со задна клупа или три индивидуални седишта на кои може без никаков проблем да се монтираат три детски седишта. Како атрибут на просторот доаѓа и багажниот простор од 597 литри, кој со соборувањето на седиштата се зголемува на 2.126 литри. Во поголемата XL верзија понуден е и трет ред на седишта. Поради висината на внатрешниот простор без мака во багажникот може да се смести една еуро палета. Практичноста се истакнува на задната врата која се отвора во целост, а доколку тоа не е потребно тогаш може да се отвори само задното стакло зад кого се крие голема покривна ладица со капацитет од 90 литри и предмети тешки до 10 килограми. Истата ладица може да се користи од страната на задните седишта каде има два лизгачки капаци.
Повеќе конфигурации, уште повеќе можности за конфигурирање: Третата генерација на Combo е наменета за сите
Но практичните решенија не завршуваат тука. Под панорамскиот покрив има уште една отворена надолжна остава за дребулии на која може да се пристапи од двете страни изработена од светла пластика која е опшиена со амбиентални светилки. Таа е предвидена за оставање на ситни предмети, но не би можел да дискутирам за отпорноста од гребење. Кога сме кај просторот за одлагање неминовно е да се споменат големите ладици во вратите и двете пред совозачот од кои горната се разладува. Во централниот гребен, помеѓу седиштата на возачот и сопатникот, скриен е простор со капацитет да прими две шишиња од два литри. Покрај просторот за одложување на поголеми предмети мислено е и за оставање на помали, како што се мобилни телефони со можност за индуктивно полнење, таблети дури има повеќе USB приклучоци како и два за струја од 12 волти и место за метални парички. Истражувајќи низ внатрешноста направив увид и на пластичните површини чија грубост повеќе одговара на товарната отколку на патничката изведба. Далеку од тоа дека пластичните површини се не квалитетни, но тие се тврди. Ова ми дава за право да заклучам дека повеќе е мислено на заштедувањето при изработката отколку на премиум чувството. Впечатокот го поправаат штофовите со кои се тапацирани седиштата на кои се седи удобно и ергономски.
Мотори и возни својства
За новиот Opel Combo сите мотори ја задоволуваат Еуро 6 нормата, а потрошувачките се декларирани според NEDC (New European Driving Circle) кој во целост е синхронизиран со WLTP (Worldwide Harmonised Light Vehicle Test Procedure). Ваквиот пристап го менува мерењето на потрошувачката и покажува реални вредности во реални услови на возење, како и реална емисија на CO₂. Тоа значи дека двата турбо-дизели со зафатнина од 1,5 литри силни 102 и 130 KS и еден трицилиндерски турбо-бензинец од 1,2 литри со директно впрскување на горивото. Овој последниот го избрав за моето прво возачко искуство со Combo Life. Не дека имав предрасуда, но сметав дека вака мал мотор не е доволен за ефективно и економично движење на каросерија со масивни габарити на кои силно делува отпорот на воздухот. Го ресетирав борд компјутерот и го стартував моторот. Сите изведби се опремени со старт-стоп систем што допринесува на економичноста во градски услови на возење. Неговата архитектура испорачува 110 KS и 205 Nm на ниски 1.750 вртежи. Тоа овозможува лесен старт, добри меѓу забрзувања и економичност. Првата рута ја поминав со леснотија. На автопат лесно се одржува темпото според пропишаните брзини на движење, управливоста е одлична, додека габаритите на каросеријата, особено висината, не го расипуваа впечатокот на стабилноста. Шестстепениот менувач одлично е вклопен со моторот. Мене лично не ми се допадна долгиот од на менувачката палка, како и чувството на лабавост.
Сите погонски единици на Opel Combo имаат високо ниво на агилност и примерна економичност во потрошувачката на гориво
Во градски услови маневрабилноста е во рамките на очекуваното, а кога стигнав на првата цел бев изненаден од перформансите на малиот мотор, особено потрошувачката која со своите 5,8 литри во просек е за почит. Во разговорот со продукт-специјалистите дознав дека во градски услови декларирани се 6,3 до 6,9 литри бензин. По извозените први сто километри мене оваа вредност ми делува сосема реално. Презентацијата наложи нов циклус на возење во кого седнав во изведбата со 1,5 литрен турбо дизел од 130 KS со варијабилна геометрија на лопатките. Тој е класифициран како најсилен во понудата, впарен е со шестстепена мануелна трансмисија, а опционално се нуди со ултра модерен автоматски менувач со осум брзини. Заедничко со изведбата со турбо-бензинскиот мотор се тивкото работење и одличната звучна изолација во кабината. Поради поголемиот вртежен момент (300 Nm) реагирањето на педалата за забрзување е поживо, додека динамичките резултати како што е спринтот до стотка и меѓу забрзувањата се многу блиски. Единствено потрошувачката е во корист на дизелот, кој е поштедлив во просек за еден литар во сите параметри.
Како е опремен Combo Life?
Работното место на возачот е со изразена ергономија и висока поставеност, што прави да помислите дека се наоѓате во спортско-корисно возило. Надмената позиција на возење заедно со големите стаклени површини дава добра прегледност во сите насоки. Без оглед на димензиите на возачот лесно се наоѓа идеалната позиција на седење од која се пружа јасна прегледност на сите инструменти и манипулатори. Во зависност од трите нивоа на опременост е чувството кое го добива возачот. Како што доликува на лансирање на нов модел, сите понудени возила беа опремени со највисокото ниво во кое се содржани паркинг сензори со камери за паркинг кои даваат преглед на задниот дел од 180 степени, а сликата се пренесува на 8,5 инчен колор дисплеј чувствителен на допир кој е компатибилен со Apple CarPlay и Android Auto. Во пописот на опремата е хед-ап дисплеј, IntelliGrip електронска контрола на тракцијата и уште многу електронски асистенти. Новост во портфолиото на Opel е системот Flank Guard кој асистира при вртењата при мали брзини. Интересно да се напомене е фактот што дури и најниското ниво на опременост ги содржи системите за опоменување за опасност од фронтален судир со автоматско сопирање за заштита на пешаците, асистенција за движење во коловозна лента, помош при тргање на нагорнина, интелигентен адаптибилен темпомат и препознавање на сообраќајни знаци.
Благодарение на новиот пристап за развој, новата генерација на Combo нуди незаменливо богатство на иновативни технологии и системи за поголема безбедност и комфор на патниците
Оценка
Opel Combo Life е модерно многунаменско возило во секој поглед. Има големи можности за модуларност во внатрешноста толку неопходна за поклониците на возилата од овој сегмент. Двете странични лизгачки врати овозможуваат лесен пристап на задните седишта но и товарниот дел доколку истите се спуштат. За среќа функционалноста е на високо ниво па може да се замижи пред грубата и тврда пластика. Возните својства се повеќе од задоволителни, а за пофалба е реалната ниска потрошувачка и задоволување на нормата Еуро 6. Штедливите мотори не значи дека се мрзливи. Напротив, тие се одлично димензионирани за намената. Дури и во најниското ниво на опременост вметнати се многу електронски асистенти, додека највисокото ниво содржи елементи типични за луксузните лимузини. Без оглед на дилемата дали Opel Combo Life е германско или француско возило, мене ми се наметна мислењето дека е возило кое профитира од двете автомобилски култури.
основни податоци Opel Combo Life | |||||
1.2 DI Turbo | 1.5 Diesel 76 | 1.5 Diesel 102 | 1.5 Diesel 130 | ||
зафатнина (cm³): | 1.199 | 1.499 | 1.499 | 1.499 | |
силина (KS/min-1): | 110/5.500 | 76/3.500 | 102/3.500 | 130/3.750 | |
вртежен момент (Nm/min-1): | 205/1.750 | 230/1.750 | 250/1.750 | 300/1.750 | |
димензии (mm): | 4.403×1.848×1.841 (XL: 4.753×1.848×1.880) | ||||
меѓуоскино растојание: | 2.785 (XL: 2.977) | ||||
багажник (dm³): | 597/2.126 (XL: 850/2.693) | ||||
максимална брзина (km/h): | 175 | 153 | 175 | 185 | |
забрзување 0-100 km/h: | 11,8 | 16,5 | 12,7 | 10,6 | |
потрошувачка (l/100 km): | 5,0/6,3/5,5 | 3,8/4,6/4,1 | 4,0/4,5/4,2 | 4,0/4,8/4,3 | |
емисија на CO₂ (g/km): | 125 | 108 | 110 | 114 | |