насловна

„Војната“ меѓу пазарџиите и ПОЦ допрва ќе се разгорува и се заканува да излезе од границите на општина Центар

Објавено на 17 јануари 2020 година

Денеска пазарџиите од Зелен пазар се зад своите тезги, откако вчера набрзина се договорија со општинарите од Центар да се сретнат во понеделник за да разговараат за проблемот со зголемените цени на ПОЦ. Но како стојат работите „војната“ меѓу нив допрва ќе се разгорува бидејќи и двете страни се подготвуваат за „контра-офанзива“. Во тоа предничи општина Центар која во јавноста излезе со докази како се злоупотребува системот од страна на пазарџиите, кои пак се упорни на својот став дека 70 денари за час паркирање е премногу и за нив, и за граѓаните кои сакаат да се снабдат со нивните производи на зелениот пазар. Паралелно со тоа, се појавија информации дека и општина Карпош забрзано се подготвува за воведување на зонско паркирање бидејќи „кризата“ со високите цени на ПОЦ се прелеа на нејзина територија, посебно на улиците кои граничат со општина Центар на кои граѓаните сé повеќе ги паркираат своите возила за да не ги плаќаат високите цени што ги наметна ПОЦ. Исто така, логично е да се очекува со повисоки цени да реагираат и јавното претпријатие Градски паркинг и акционерското друштво за стопанисување станбен и деловен простор, кои исто така имаат свои капацитети за паркирање на територијата на општина Центар за кои сега наплаќаат и до двојно поевтино.