Haval H6 е припадник на „старото школо“ со силна електронска модернизација. Дали брзото учење генерира нелогични пропусти?
Haval е присутен на нашиот пазар подолго време, но досега не сум имал прилика да возам ниту еден од понудените модели. Тестот на Н6 беше испровоциран од неодамнешната вест што дојде од Кина. Иако нема врска со возениот Н6, сепак е прилика да се добие слика за она што го нуди кинеската марка. Огранокот за теренски возила на Great Wall Motors објави дека за тамошниот пазар во продажба ќе биде пуштена новата генерација на моделот Н5 по цена од околу 20.000 евра. Во време кога за таа сума неможете да купите нешто ниту приближно теренско возило, ова звучи како благослов за љубителите на теренците.
Работите на европскиот пазар се поинакви, а и цената по која се продаваат моделите на Haval доста е повисока. Па додека дојде, ако воопшто дојде Н5, на сцената е обновениот на изглед Н6 кого веќе го забележуваме на нашите улици. На прв поглед Н6 делува сериозно и зрело. Изгледот може да се карактеризира како модерен исполнет со интересни детаљи кои интригираат и се привлечни. Металик црвената боја на каросеријата ги истакнува LED фаровите и куќиштата за светлата за магла кои, заедно со големата маска на ладилникот, ја оформуваат предницата. Страничната линија е типично теренска.
Нагласени се лаковите над 19 инчните тркала како и долната линија на вратите. Направен е добар премин кон задниот дел со заоблување на горниот дел од каросеријата. Светлата ја играат главната улога во дефинирањето. Тие се поврзани со светлосна трака која остава добар впечаток дедека спојлерот над задното стакло и антената во форма ва перка го даваат финишот. Кога ќе се направи обиколка околу Н6 делува прилично прифатлив. Поставен е на меѓуоскино ратојание од 2.738 мм со вкупна должина на каросеријата од 4.653 мм. Тоа дава добри предуслови за доволно простор во внатрешноста.
Со отворањето на вратата се прикажува симпатична глетка. Биколорен тапацир на седиштата, два големи дисплеи, додека централната конзола и гребенот скулптурално се конструирани, но и малку е претерано со боите. На нив се забележуваат, осем црната и кремовата како на седиштата, бронзена, сребрена и пијано лак на вметоците кои ги истакнуваат интериерните површини. Сепак квалитетот на изработка е неочекувано добар, па дури остава позитивен впечаток. Седиштата нудат забележителен финиш во однос на употребениот материјал, но прилагодливоста на возачкото седиште преку електрични команди не е толку добра како што може да биде. Возачката позиција не дава јасна прегледност на ситуацијата пред возилото.
Рамниот поклопец на багажникот едноставно ја скратува визуелната прегледност што е извонредно стресно кога треба да се управува во тесни улички. За среќа Н6 е опремен со камери и сензори на кои можете да се потпрете. На централната конзола поставен е 12,3 инчен екран на допир кој е центар на мултимедијалниот систем и сете информации се испишуваат на него. Пред возачот е уште еден дисплеј од 10,25 инчи чија улога е да ги покажува функциите поврзани со возењето. Погодност е што неговиот приказ може да се конфигурира преку мулти наменскиот управувач. Ова звучи прекрасно, но во пракса се покажуваат првите пречки.
Употребливоста на медиумскиот систем е дискутабилна. Од возачот се бара да направи темелно пребарување преку екранот, а тоа може да биде заморно. Во повеќето други автомобили, ако сакате да ги вклучите грејачите на седиштата, има копче. Но, во овој Н6, треба да поминете низ неколку менија, што ви го одвлекува вниманието ако се обидувате тоа да го направите тоа додека се движите – би ве советувал да го направите пред да почнете со возењето. Многу од контролите се такви, закопани во менија и под менија. Иако има многу функционалности во него, тој не е толку лесен за користење како што може или треба да биде. Да, има посебна линија на копчиња за вклучување на клима-уредот или одмаглувањето, и тоа може да го користите како кратенка за да влезете во контролите за климатизација.
Сепак тоа не е толку паметно направено како што може да биде. Но, има прилично добар простор за складирање во зоната на предните седишта, со пар држачи за чаши меѓу седиштата, фиока за безжичен полнач за телефон пред ротирачкиот селектор на менувачот, наслонот за рацете, плус голема фиока за складирање под мостот, каде што се лоцирани две USB порти за полнење како и џебови во вратите со држачи за шишиња. Просторот на задните седишта е дарежлив. Не само што има добар простор во височината на кабината, има и доволно простор за нозете и стапалата и доволно ширина низ задната клупа за да им се овозможи на тројца возрасни да седат конфорно. Плус, за разлика од многу други возила во овој сегмент, задното седиште е супер удобно.
Има добра количина на сунѓерест материјал, што значи дека седите во него, а не на него. Има држачи за шишиња во вратите, преклопен потпирач за раце со држачи за чаши, како и џебови за мапи на потпирачите на седиштата. Просторот во багажникот има 600 литри товарен капацитет. За заштеда на просторот резервно тркало е сместено под подот на багажникот.H6 е достапен само со дво литарски бензински мотор со турбо-полнач кој произведува 204 КС и 320 Nm вртежен момент. Силата се пренесува преку седумстепен автоматски менувач со двојна спојка и има погон на сите тркала.
Па како тоа функционира во пракса? Постојат четири режими на возење кои ги подесувате преку комплицираните менија. Во сите сценарија на возење склопот делува добро. Моторот добро ја поднесува тежината од 1.710 килограми, а менувачот работи како што се очекува. Преносите ги реди правилно и без никакво драматизирање. Мојата критика се однесува на проблемот кого го увидов во секојдневното користење. Ротирачкиот селекторот на менувачот, но за разлика од повеќето од таа сорта, нема лимитер, па при негово користење го вртите и не знаете дали сте во позицијата за возење нанапред, наназад или во паркирачки мод, додека не погледнете надолу за да видите кој индикатор свети. Можеби звучи тривијално, но обидете се да свртите на тесна улица набрзина и ќе сфатите колку тоа може да биде досадно.
Исто така, прилично голем круг на вртење од 12,0 метри не оди во прилог со маневрабилноста „во тесно“. Системот на паркинг камера е одличен во тие ситуации, бидејќи има извонредна јасност и сите перспективи, а има и графички приказ на автомобилот во стилот на вештачка интелигенција на неговата локација ако го сакате тоа. Она што е фрустрирачко е што системот на камерата постојано се вклучува кога брзината на движење е мала, а тоа може да биде досадно особено ако слушате музика. А каков е за возење, тоа е друга прикаска. Зачудувачки добро. Направен е добар баланс на амортизацијата, па на отворен пат дури со лош квалитет на површината удобноста е на ниво. Електронските помагала работат безпрекорно, климатизацијата го положи испитот на летните горештини, динамичките својства се сосема прифатливи а однесувањето на свиоци и вон асфалтот би било нечесно да се критикуваат.
Со Haval H6 поминав повеќе од 600 километри и за таа дистанца во комбинирани услови просечната потрошувачка беше 11,1 литар гориво. Изненадувачка разлика се појави на користење на пат. Поминав нешто помалку од 550 километри по патните правци низ државата каде просечната потрошувачка покажа прифатливи 8,6 литри бензин. По сé судејќи, во урбани услови ќе морате да се помирите со висока потрошувачка. Најголем дел од употребувањето го користев нормалниот модус на возење. Ќе повторам дека механичките склопови, особено моторот и менувачот, работат примерно овозможувајќи правилна распределба на силата со желбите на возачот.
Уверливо делува моќноста од 204 коњи, а забрзувањето до стотка е за 9,9 секунди. Но кој што вози теренец би очекувал секавични забрзувања од своето возило? На тоа се надоврзува и добрата амортизација која е калибрирана до даде удобност но без компромис на контактот со патот и безбедноста. Ова многу повеќе се цени во светот на теренците отколку рикањето на моторот и спринтот. За целосен впечаток поминав и дваесетина километри вон асфалтот. Во тие услови Н6 се однесува суверено и уверливо. Растојанието од тлото и пристапниот агол 21 степен овозможуваат поминување на посериозни теренски услови. Удобноста на возењето на H6 е прилично добра со оглед на тоа дека користи тркала од 19 инчи.
Како заокружување на целиот впечаток треба да се земе пет годишната гаранција и цената 38.500 евра што можеби е малку повеќе од очекуваното, но секако дека е аргументирано.На крај добив амбивалентен впечаток за Haval H6. Сосема прифатлив дизајн и на каросеријата и во внатрешноста, добра ергономија, одлична опременост, особено со електронски системи за асистенција. Згора на тоа механичките склопови оставаат добар впечаток, стабилноста и удобноста се истакнати. Уверлива е употребливоста на сите подлоги. Од друга страна несватливо ми е комплицираноста на користењето на мултимедијалниот систем и несватливото, покрај толкаво присуство на електроника, електронски асистенти и конективни технологии, немање RDS во радиото или неможноста за безично користење на апликациите од телефоните.
Евидентно е дека Кинезите бргу учат, но секое брзо учење доведува до заборавање на некои мали лекции без кои вкупната оценка се намалува. Несомнено дека Н6 е пристојно возило кое во следната генерација сериозно ќе им конкурира на староседелците во класата. Се разбира, доколку не ги заборават основите и квалитетите на класичното образование. Haval H6 можете да го набавите по пат на лизинг. Предлогот на Шпаркасе лизинг е учество од 20% кое изнесува 7.714 евра. На период на лизинг од 72 месеци ратата изнесува 34.950 денари.