Избегнете го пливањето на пневматиците
Што треба да се прави пред тргнување на пат и во текот на возењето по дождливо време?
Објавено на 27 септември 2018 година
Есенските патувања нé викаат, дури и кога времето е лошо. Патиштата прекриени со дожд можат да ги изложат возачите на опасност од пливање на пневматиците. За среќа, неколку едноставни мерки на претпазливост можат да обезбедат безбедно и безгрижно патување.
Пливањето на пневматиците возачот го претвора во патник
Пливањето на пневматиците претставува сериозна закана во врнежливите услови во текот на есента. Кога газечката површина не може да ја отстрани сета вода меѓу пневматиците и патот, во тој случај под пневматиците се формира еден вид на перниче. Со тоа пневматикот ја губи моќта за прилепување а возачот повеќе не е во состојба да го контролира возилото.
Важно е да се остане смирен во случај на пливање на пневматиците
– Ако возилото почне да плива, треба да се подигне стапалото од педалата за гас и да се притисне спојката. Не сме да се кочи или нагло да се врти со управувачот. Прилепувањето може изненадно да се врати додека возилото забавува. Кога тоа ќе се случи, тркалата треба да бидат насочени на вистинската страна, а не во насока накај возилата што доаѓаат накај вас, вели Мартин Дражик, производствениот менаџер на компанијата Nokian Tyres.
Редовна проверка на пневматиците и притисокот во нив
За среќа, ризикот од пливање на пневматиците може да се намали дури и пред да седнете зад управувачот. Првиот начин е редовната проверка на длабочината на шарата на пневматиците и дали се тие во добра состојба. Излижаните пневматици подразбираат полоша способност за отстранување на водата, бидејќи газечката површина повеќе не е во состојба да ја прими водата. – Со законот е пропишано газечката површина на летните пневматици да мора да изнесува најмалку 1,6 милиметри, но треба да се има на ум и тоа дека пневматиците нагло ја губат способноста за спречување на пливањето веќе на 4 милиметри, вели Дражик. Во неодамнешните тестови што ги спроведе списанието Tekniikan Maailma (5/2018), излижаните пневматици започнуваа да пливаат при брзина од само 75 km/h. Најдобрите нови пневматици на тестот започнаа да пливаат дури при брзина од 88 km/h. Покрај длабочината на газечката површина, исто така треба да се внимава и на притисокот во пневматиците. Нискиот притисок во нив го зголемува ризикот од пливање. Проверката на пневматиците и редовното нивно допумпување на декларираниот притисок се битни мерки на претпазливост кои не ве чинат ништо на најблиската бензинска станица.
Прилагодената брзина помага во одржувањето на контролата
Пливањето на пневматиците може да се спречи и зад управувачот. Најбитно е секогаш да се одржува точно пропишаната брзина. На коловозот никогаш не смее слепо да се верува на технологијата или да се смета ограничувањето на брзина за минимална вредност. Дури ни нови пневматици не можат да го спречат ризикот од пливање ако пребрзо се вози по дожд. – Најважната мерка на претпазливост што возачот може да ја преземе е прилагодувањето на брзината на возилото на условите на патот и временските прилики. По силен дожд, брзината треба да се намали и за 15-20 km/h за да им се овозможи на пневматиците да го отстрануваат вишокот вода од просторот меѓу нив и површината на коловозот, потсетува Дражик. Заради тоа, треба да се одвои доволно време за патување по дожд или непредвидливи временски услови за да се отстрани секој притисок да се вози брзо. Исто така доста е битно да се одржува безбедно растојание бидејќи влажните површини го зголемуваат патот на сопирање. Покрај тоа, треба да се обрне внимание и на површината на коловозот. Тој може да биде излижан од употреба и браздите на него понекогаш можат да бидат доста длабоки. – Не треба да се вози по надолжните бразди бидејќи ја задржуваат водата. Побезбедно е да се вози покрај нив, вели Дражик.
Запамтете го ова на дождливо време:
1. Проверете ги пневматиците. Препорачана минимална длабочина на шарата е 4 mm.
2. Проверете го притисокот. Издишаните пневматици се потешки за управување а трошат и повеќе гориво.
3. Прилагодете ја брзината на временските услови. По силен дожд брзината треба да се намали и за 15-20 km/h.
4. Возете смирено. Одржувајте безбедно растојание и возете со прилагодена брзина.
5. Гледајте на коловозот. Не возете по браздите бидејќи ја задржуваат водата.