Бензинот поскап, дизелот поевтин
Објавено на 18 март 2019 година
Официјално, според денешната одлука на регулаторната комисија за енергетика, се врши намалување на рафинериските цени на нафтените деривати но и зголемување на нивните малопродажни цени – и во едниот и во другиот случај за еднакви 0,09%. Кажано со други бројки, тоа за возачите значи дека од утре за бензините ќе плаќаат за 1,50 односно 1 денар повеќе, а за дизелот половина денар помалку. Причинители на ваквото горе-долу менување на цените се просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар која во изминатиот 14-то дневен период беше за 0,81% пониска, референтните цени на бензинот кои забележаа зголемување за 4,41% и на дизелот кои се намалија за 1,48%, како и на курсот на доларот кој поскапе за 0,436%. Толку теоретска математика – на ред е практичната, онаа на бензинска пумпа, која вели дека во наредните две недели литар еуросупер БС-95 ќе нé чини 66, литар еуросупер БС-98 67,50 а литар еуродизел Д-Е V 60,50 денари.